Гигантот за онлајн трговија Amazon неодамна откри на својата “Accelerate” годишна конференција дека ќе почне да вметнува реклами во одговорите на гласовниот асистент Alexa.
Новата функција се нарекува “Customers ask Alexa” („Потрошувачите ја прашуваат Alexa“) и ќе функционира на следниот начин: кога корисниците ќе поставуваат прашања до Alexa, вклучувајќи прашања поврзани со карактеристиките или компатибилноста на некој производ, Alexa ќе им врати со одговори кои што се напишани од брендови во тие категории на производи.
„Потрошувачите кои купуваат на Amazon сега ќе можат да добијат инстант одговори на прашања – директно од брендот – благодарение на Alexa“ – триумфално се истакнува во соопштението на Amazon.
На пример, корисник што купува производи за чистење на Amazon.com може да праша: „Како можам да ги отстранам влакната од домашно милениче од мојот тепих?“ Некој бренд сега ќе може да даде одговори на такви прашања, заедно со линкови до својата продавница на Amazon.
Брендовите регистрирани со Регистарот на брендови на Amazon ќе ја видат новата функција „Потрошувачите ја прашуваат Alexa“ во делот „Seller Central“, каде што ќе можат лесно да откријат и да одговорат на често поставуваните прашања на потрошувачите. Сите одговори потоа треба да минат низ проверка и модерација, пред Alexa да го избере најрелевантниот одговор за споделување со клиентите.
„Amazon ги препознава брендовите како експерти за нивните производи. Со оваа нова функција, им олеснивме на брендовите да се поврзат со потрошувачите со цел да одговорат на нивните чести прашања и подобро да ги информираат нивните одлуки за купување“ – посочува Раџив Мехта, генерален менаџер на Alexa Shopping во Amazon.
Од Amazon уверуваат дека одговорите кои ќе бидат дадени од брендовите ќе бидат транспарентно назначени како такви и притоа тие нема да можат да бидат платени или спонзорирани.
Новата функција ќе биде достапна за избрана група на брендови уште од октомври 2022, а потоа во 2023 година ќе биде отворена за сите брендови од САД. Функцијата ќе биде достапна за потрошувачите преку лентата за пребарување на Amazon кон крајот на 2022, како и преку уредите Echo од средината на 2023 година.