Американската корпорација Amazon направи нов чекор во светот на медицината со купувањето на американската франшиза на клиники за примарна задравствена заштита One Medical.
Ова е првата голема медицинска аквизиција на Amazon под лидерството на извршниот директор Енди Џеси, кој посочи дека медицинскиот бизнис ќе биде значаен дел од иднината на компанијата. Претходно, во времето на Џеф Безос, Amazon ја купи онлајн фармацевтската платформа PillPack во 2018, а во 2019 година го основаше својот сопствен сервис за здравствена заштита, Amazon Care.
Со новиот договор вреден 3.9 милијарди долари, Amazon ќе ги покрие долговите на One Medical и ќе добие пристап до 188 физички клиники и 24-часовните виртуелни здравствени услуги на медицинскиот бренд. Седиштето на One Medical се наоѓа во Сан Франциско, при што брендот има над 767,000 регистрирани членови-пациенти на кои им обезбедува здравствена заштита. Меѓу корпоративните корисници на услугите на One Medical се наоѓаат Airbnb и Alphabet (матичната компанија на Google).
Договорот сé уште треба да биде финално одобрен од бордот на директори и акционерите на One Medical. Генералниот извршен директор на медицинскиот бренд, Амир Ден Рубин, посочи дека комбинирањето на нивната работна сила со робустното технолошко знаење на Amazon само ќе го отвори патот за подостапна и поприфатлива здравствена заштита за клиентите.
Со сето ова, Amazon продолжува да ја развива својата „бизнис империја“ од онлајн малопродажба, преку кинематографија, па сé до медицински услуги.