Американската технолошка компанија Amazon лансираше нова онлајн продажна платформа наречена Haul, која ја ограничува цената на производите на максимални 20 долари, во обид да им конкурира на други слични платформи како Temu и Shein.
Новата платформа за е-трговија Haul е засега достапна само за корисниците во САД, а кон неа може да се пристапи исклучиво преку мобилната апликација за шопинг на Amazon. Од компанијата истакнуваат дека платформата ќе нуди „лудо ниски цени“, поради што ќе „вреди да се чека“ до две недели за испорака.
„Наоѓањето одлични производи по многу ниски цени е важно за клиентите, а ние продолжуваме да истражуваме начини на кои можеме да работиме со нашите продажни партнери за да можат да понудат производи по ултра ниски цени“ – посочи Дармеш Мехта, потпретседател на Amazon за глобални продажни услуги.
Кинеските конкуренти на Amazon, како Temu и Shein, забележаа значителен раст во последниве неколку години, благодарние токму на нивниот модел на работа базиран на производи со евтини цени кои се компензираат со подолго време на испорака. Меѓутоа, во исто време, тие постојано се соочуваат со критики поради влијанието врз животната средина што го има производството и испораката на сè поевтини производи.