На 19то по ред годишно Генерално собрание претставници на компаниите членки на Американската стопанска комора во Македонија (АмЧам Македонија) избраа нови членови на Одборот на директори:
- г-ѓа Јелена Арсовска, Генерален Директор, Меккен
- г-дин Михаел Солтер, Генерален Директор, Филип Морис
- г-дин Драган Давитков, Генерален Директор, PwC
Оваа година на Собранието присуствуваа претставници од 85 компании членки на Комората. Настанот официјално го отвори тековниот Претседател на Одборот на директори, г. Љупчо Георгиев од Мајкрософт, кој посочи дека деловниот сектор треба да има можност континуирано да дава препораки и коментари за предложени измени во законодавството, како и да разговара со креторите на политики за идеи кои би ја подобриле регулативата и би го зајакнале деловното опкружување.
Официјално обраќање имаше и амбасадорката на САД во Република Македонија, г-ѓа Кејт Мери Брнс, која ја нагласи улогата на АмЧам во делот на заземање за деловната заедница, укажувајќи ја важноста од учеството на бизнис заедницата во демократските случувања и промени во земјата, како и можноста за напредок, интеграција, проширување на пазарот и зголемување на транспаретноста и предвидливоста на бизнис политиките. Таа исто така ја посочи важноста на борбата против корпуцијата и владеењето на правото како главни двигатели и на општествениот и на економскиот прогрес.
Извршната директорка на АмЧам Македонија, Дијана Десподов, го презентираше извештајот за реализираните активности и проекти во изминатите 12 месеци, нагласувајќи импозантни проценти на вклученост на членките во активностите на комората. Таа потенцираше дека е забележано зголемување на бројот на членки за 10% во однос на минатата година, и истакна дека годинава се одржале вкупно 61 состаноци со владини претставници и креатори на политики со цел зајакнување на деловното опкружување и подобрување на регулативата.
АмЧам Македонија ја сочинуваат 136 компании од различни сектори и индустрии чиишто членки се посветени на зајакнувањето на гласот на меѓународниот бизнис во Македонија, промоција на одржлива, предвидлива и конкурентна бизнис средина, и општествена одговорност на компаниите. Членките на АмЧам претставуваат значаен дел од македонската економија коишто имаат вкупен годишен обрт од 4 милијарди евра и вработуваат 40,000 граѓани.