Синоќа се одржа финалето во американската фудбалска лига, попознато како Super Bowl, во кое екипата на Канзас Сити Чифс ја освои својата втора титуал по ред. За време на натпреварот беше емитувана и новата реклама на германскиот производител на автомобили Volkswagen, кој оваа година одбележува 75 години од влегувањето на американскиот пазар.
Кампањата насловена „An American Love Story“ („Американска љубовна приказна“) беше најавена уште во јануари, а со одржувањето на синоќешниот Супер Боул отпочнува имплементацијата на нејзините главни активности.
Во срцето на кампањата се наоѓа двеминутен видеоспот кој преку колаж од сцени ја илустрира историјата на Volkswagen на американскиот пазар, од неговото прво закотвување на американски тло на островот Елис, преку фестивалот Вудсток и Хипи-движењето, до појавувањето во разни музички спотови и телевизиски емисии и шоуа низ децениите. Во некои сцени се укажува и на познати минати реклами на брендот, како што е сцената со детето облечено како Дарт Вејдер и далечинското управување со одредени функции на автомобилот.
Спотот завршува со зборовите: “We shape its metal; you shape its soul.” („Ние го обликуваме неговиот метал; Вие ја обликувате неговата душа“).
Кампањата е создадена во соработка со креативната агенција Johannes Leonardo од Њујорк.