Американскиот медиум Newsmax, преку својата регионална платформа Newsmax Balkans, од неодамна е присутен и во Скопје. Новото дописништво во главниот град на Македонија е дел од амбициозниот план на медиумот за проширување низ Балканот, по веќе отворените студија во Белград, Бања Лука, Подгорица и други регионални центри.
Newsmax Balkans претставува прв медиумски партнер на американската платформа Newsmax надвор од САД, и започна со емитување во октомври 2024 година. Со седиште во Белград, медиумот е дел од поширока стратегија за покривање на локални и регионални теми преку современа и професионална продукција.
Со мото „Вистински вести за вистински луѓе“, телевизијата се позиционира како новинарска алтернатива која инсистира на факти, анализа и балансиран пристап, со посебен акцент на економијата, политиката и општествените теми од регионот. Медиумот е технолошки поддржан од телекомуникацискиот гигант Телеком Србија и користи најнова продукциска опрема за емитување во 4K резолуција.
Отворањето на дописништво во Скопје е дел од поширока стратегија за медиумско присуство во сите земји од Балканот, вклучително и идни планови за проширување кон Албанија. Од Newsmax Balkans најавуваат дека нивна цел е да понудат платформа за професионално, одговорно и ангажирано новинарство кое ги вклучува и гласовите од Македонија.
Извор: 4News.mk