По неколку години дискусија за негативните ефекти на социјалните медиуми врз менталното здравје на младите, законодавците од американскиот Сенат усвоија два предлог-закони со кои ќе се воведат дополнителни ограничувања за децата и тинејџерите кои ги користат социјалните медиуми.
Првиот од предлог-законите го носи името Закон за онлајн безбедност на децата (KOSA), а првично бил предложен во 2022 година.
Усвоениот предлог-закон има за цел да ги заштити децата од некои од ризиците по менталното здравје поврзани со користењето на социјалните медиуми, вклучувајќи ја изложеноста на содржини што поттикнуваат нарушувања во исхраната или мисли за самоповредување. Со законот исто така ќе бидат ограничени функции кои можат да предизвикаат зависност, како неограниченото скролање, алгоритмите и автоматска репродукција на содржини.
Другиот предлог-закон, насловен Законот за заштита на приватноста на децата и тинејџерите на Интернет (COPPA 2.0) – ќе го ажурира постојниот закон COPPA со кој во 1998 година беа воведени првите правила за заштита на онлајн приватноста на децата.
COPPA 2.0 ќе ја подигне максималната возраст на децата опфатени со тој првичен закон на 17 години, што значи дека технолошките компании нема да можат да собираат податоци за деца под таа возраст без нивна согласност. Со оглед на тоа што технологијата е значителено напредната од 1998 година, COPPA 2.0 исто така ќе бара законската дефиниција за лични податоци да вклучува технологии како што се препознавањето лица, дигитални отпечатоци од прсти и гласовни отпечатоци.
Предлог-законите беа усвоени со консензуална политичка поддршка и огромно мнозинство од 91 глас ЗА, наспрема 3 против. Следниот чекор ќе биде нивно усвојување од Претставничкиот дом, што се очекува да се случи наесен. Третиот и конечен чекор ќе биде потпис од американскиот претседател.
Имплементацијата на законите би го означило најголемото придвижување во легислативата за онлајн безбедноста на младите од доцните 1990-ти наваму, претставувајќи редок пример за прашање што добива консензуална политичка поддршка од двете најголеми партии во тензична изборна година.