Оваа година, маркетерите за прв пат ќе вложат повеќе во дигиталните податоци отколку во традиционалните извори на податоци
Американските компании ги зголемуваат своите инвестиции во податоци на трети страни и покрај широко распространета загриженост во врска со приватноста на потрошувачите, се наведува во студијата спроведена од страна на IAB Data Center of Excellence и Winterberry Group.
Според оваа студија, се очекува дека инвестициите на американските компании во податоци на трети страни оваа година ќе изнесуваат 19,2 милијарди долари, што е за 17,5% повеќе од минатата година. Ова ќе биде првата година во која маркетерите ќе трошат повеќе на дигитални извори отколку на традиционални терестијални податоци. Дигиталната потрошувачка се зголеми за 36,9% на 3,67 милијарди долари, додека терестијалната потрошувачка само благо се зголеми, на 3.62 милијарди долари.
Инвестирањето во податоците насочени на идентитетот на корисниците се зголеми за 50% на 850 милиони долари.
“Многу брендови тешко се справуваат со огромното количество и разновидност на податоците кои денес ги генерираат нивните одделенија за маркетинг и односи со клиентите. Податоците и решенијата ориентирани кон идентитетот на корисниците, даваат помош за организирање на овие информации, со цел брендовите да бидат во можност константно да имаат увид во тоа, кој се наоѓа во нивната база адресабилни корисници. Тоа во крајна линија им помага да се подобри искуството со рекламирање и обезбедува средства за подобрување на услугите на клиентите и овозможува подобро и поодговорно управување со податоците, со цел да се усогласат со променливите регулаторни потреби и очекувањата на потрошувачите”, изјави за магазинот TheDrum, Џонатан Маргулис, директор на Winterberry Group.
Американските компании потрошиле 2.8 милијарди долари на трансакциски податоци и 1.02 милијарди долари на специјализирани податоци или податоци за ангажман. Зголемувањето на потрошувачката, исто така, може да се припише на растот на програматично огласување.
Истражувањето исто така, укажува на тоа дека имплементацијата на GDPR и претстојното воведување на нов закон за заштита на потрошувачите во САД, California Consumer Privacy Act, ги условуваат огласувачите да инвестираат во решенија управувани од страна на податоци, кои се во насока на зголемување на транспарентноста и отчетноста, истовремено обезбедувајќи сигурност за брендовите.
За потребите на овој извештај, инвестициите во активностите за податоците се поделени во две категории: податоци и аналитика. Компаниите потрошиле 4.97 милијарди долари за управување, обработка и интеграција на податоците, што претставува зголемување од 25% во споредба со истиот период минатата година. Од друга страна, компаниите потрошиле 2.26 милијарди долари на анализа, моделирање и сегментација, што претставува зголемување од 2,9% во однос на претходната година.