Маринскиот корпус на вооружените сили на Соединетите Американски Држави одлучи да ја продолжи 77-годишната соработка со маркетинг агенцијата THOMPSON, дел од групацијата WPP, и во следните 10 години. Постигнатиот договор се проценува на неверојатни 1.9 милијарди долари.
Агенцијата има задача да ја поддржува огласувачката програма на Командата за регрутација на Маринскиот корпус, развивајќи ја свесноста за брендот и интересот за приклучување кон вооружените сили на САД. Вредноста на договорот ги вклучува агенциските такси, медиумскиот закуп, продукцијата на огласувачки содржини и сите други трошоци за времетраењето на договорот.
Легендата на огласуваката индустрија, Џејмс Волтер Томпсон, кој исто така служел како американски маринец, е долго време препознаен како пионер во индустријата. Неговата агенција J. Walter Thompson, која подоцна стана Wunderman Thompson, ја отпочна својата соработка со Маринскиот корпус уште пред 77 години. По реорганизацијата на Wunderman Thompson од страна на матичната групација WPP претходно оваа година, беше формирана специјалната агенција THOMPSON за да го сервисира американскиот Марински корпус со тим од над 200 луѓе
„Гледаме позитивно на продолженото партнерство со THOMPSON, кое започна пред повеќе од 75 години. THOMPSON има разновиден и искусен тим со вредни перспективи и страст за поддршка на брендот на Маринскиот корпус на Соединетите Држави преку специфични акции за регрутација кои ги достигнуваат нашите цели на креативен и остроумен начин“ – изјави потполковникот Антон Семелрот, национален директор на стратегијата за маркетинг и комуникација при Командата за регрутација на Маринскиот корпус.
„Гордоста што можеме да работиме заедно со нашите клиенти-партнери уште десет години ја надминува само одговорноста што ја чувствуваме во поддршката на регрутерите во исполнувањето на нивната мисија. Секој ден, имаме за цел да ја заслужиме довербата на нашиот клиент за да ни овозможи да испорачаме извонредни резултати и уверени сме дека визијата наведена во нашиот предлог ќе му овозможи на Маринскиот корпус да ја инспирира следната генерација маринци преку креативност и иновација“ – истакнува Шон Мекнили, извршен директор на агенцијата THOMPSON.
Огласувачката програма на Командата за регрутација на Маринскиот корпус е одговорна за регрутирањето на приближно 40.000 персонал годишно за да се пополнат слободните места меѓу војниците и офицерите. Целта на програмата е да се искористат сите достапни алатки за маркетинг и комуникации со цел да се привлечат квалификуваните потенцијални клиенти да станат дел од Маринците.