Во обновен обид да се ограничи доминацијата на технолошкиот гигант, американското Министерство за правда го повтори своето барање до Google да го продаде својот веб-прелистувач Chrome, тврдејќи дека нивната доминантна позиција во однос на веб-пребарувањето ја задушува конкуренцијата.
Барањето, првпат изнесено во 2024 година, беше реафирмирано во неодамнешна антимопополска тужба поднесена до надлежен американски суд, позиционирајќи го Chrome како клучна алка во наводниот монопол на Google врз интернет пребарувањето.
Иако Министерството за правда претходно бараше од Google да се откаже и од своите инвестиции во сферата на вештачката интелигенција, тој предлог е сега отфрлен – фокусирајќи се целосно на случајот со Chrome и веб-пребарувањето.
Министерството за правда тврди дека огромниот удел на Google во пребарувањето е зајакнат со широката употреба на Chrome, овозможувајќи ѝ на компанијата да го постави својот пребарувач како стандарден и да ја ограничи конкуренцијата од ривалите. Притоа, властите сакаат да му забранат на Google да им плаќа на конкурентски компании како Apple и Mozilla да му даваат приоритет на Google Search во своите прелистувачи, како дел од наводната долгогодишна стратегија на Google да ја задржи својата доминација на пазарот.
Google ја сигнализираше својата намера да се бори против овие наводи, тврдејќи дека продажбата на Chrome ќе им наштети на потрошувачите наместо да им помогне. Компанијата инсистира дека нејзината интеграција на пребарувањето со Chrome ја подобрува безбедноста и корисничкото искуство. Наместо да го раздели својот екосистем, Google предложи други модификации за да одговори на регулаторните предизвици.
Сослушувањето за предложените правни лекови е закажано за април, а конечната одлука се очекува до септември 2025 година.