Холандскиот град Амстердам отпочна нова „анти-туристичка“ кампања со која сака да ги одврати посетителите кои доаѓаат да „дивеат“ и да им го нарушуваат мирот на локалците и останатите пристојни туристи.
Нарекувајќи ја „кампања за обесхрабрување“, градските власти на Амстердам посочија дека ова е дел од низата на мерки што популарната туристичка дестинација ќе ги спроведува. Во овој конкретен случај, кампањата е експлицитно насочена кон мажи од Велика Британија на возраст од 18 до 35 години.
Кампањата вклучува повеќе видео спотови кои ќе им се појавуваат на потенцијалните посетители од Велика Британија кои пребаруваат клучни зборови како што се „ергенска забава Амстердам“, „евтин хотел во Амстердам“ или „турнеја на пабови во Амстердам“, прикажувајќи ги можните ризици и последици доколку изберат да учествуваат во прекумерна злоупотреба на дрога и алкохол.
Наречени „антисоцијални однесувања“, овие акти на јавна вознемиреност ќе резултираат со парични казни, апсење од полицијата, добивање криминално досие, па дури и хоспитализација на посетителите – како што илустрираат и видеоспотовите. Градскиот совет на Амстердам се надева дека прикажувањето на овие несакани исходи ќе ги обесхрабрат „бесните“ туристи да дојдат во нивниот град.
Дополнително, градот планира да започне уште една кампања со наслов “How to Amsterdam” за туристите кои веќе пристигнале, информирајќи ги преку интернет и офлајн канали за комуникација како да се однесуваат во рамки на пристојноста.
Предупредувачките знаци ќе бидат поставени во хотелите и на социјалните мрежи, кои ќе ги предупредуваат посетителите да не уринираат во јавност, да не се пијанчат и однесуваат насилно, да не купуваат дрога од улични дилери и да не предизвикуваат бучава.
„Посетителите ќе останат добредојдени, но не ако се однесуваат лошо и предизвикуваат непријатност. Во тој случај ние како град ќе кажеме: подобро не, држете се настрана. Амстердам веќе презема многу мерки против прекумерниот туризам и непријатностите“ – истакнува заменик-градоначалникот на Амстердам, Софијан Мбарки.