Европскиот пазар за дигитално огласување порасна за 11,1% минатата година и сега достигна 96,9 милијарди евра
Водечката европска организација за дигитален маркетинг, IAB Europe го објави извештајот Advertising Expenditure (AdEx) Benchmark Report за 2023 година – детална проценка на инвестициите во онлајн огласувањето во текот на изминатата година за водечките 29 европски пазари. Извештајот опфаќа дигитални формати и канали кои придонесле за годишниот раст на дигиталното огласување од 11,1% во 2023 година, што кулминираше со вкупна пазарна вредност од 96,9 милијарди евра.
Иако американскиот пазар е 2,5 пати поголем од европскиот, Европа забележа годишна стапка на раст од 11,1% наспроти стапката на раст на американскиот пазар од 7,3%. Огласувањето на социјалните мрежи порасна за 18,2%, надминувајќи го растот на дисплеј-рекламите од 12,7%. Видео огласувањето исто така одигра клучна улога во растот на дисплеј-рекламите, пораснувајќи за 20,9% во 2023 година. Видеото забележа и значителен пораст од 15% надвор од социјалните мрежи.
Аудио форматите, исто така, го продолжија својот импресивен пораст, забележувајќи зголемување на инвестициите од 23,1%. Притоа, поткастите со раст од 32,5% беа клучниот двигател на вкупниот раст на инвестициите во сегементот на дигиталните аудио формати. Поврзаната телевизија (CTV) порасна за 23,5%, а програматското огласување и натаму држи 51,9% од вкупните инвестиции во дисплејното огласување.
„И покрај претпазливоста, расте сознанието за потребата од континуирани инвестиции: брендовите настојуваа да го обноват своето присуство и да задржат удел на препознатливост на пазарот. Во овој период има и враќање на новите компании и на малите и средни претпријатија кои влегуваат на пазарот. Бизнисите се трансформираа за да станат главно дигитални, а огласувањето еволуираше од скриена функција во составен дел на севкупните маркетинг стратегии, помагајќи да се поттикне растот на кој сме сведоци во 2023 година“ – објаснува Даниел Кнап, главен економист на IAB Europe.
Целосниот извештај е достапен за бесплатно разгледување и читање на следниот ЛИНК.