Истражувачката агенција Инсајдер ИД, изработи анализа за последиците и предизиците кои со себе ги носи кризата од пандемијата со Коронавирусот, заедно со предлози и сет на мерки за самата економија и погодените компании. Документот се осврнува на дефинирање на трендовите од Кризата, ефектот врз бизнисот и потребата од проактивно поставување и постапување со неколку предлог активности на краток и среден рок. Целата анализа бесплатно може да се преземе од следниов ЛИНК.
Во продолжение следува извадок од делот со препораки, каде се дава идеја за формирање на Кластери и конзорциуми како начин за подобрување на работата.
E. КЛАСТЕРИ И КОНЗОРЦИУМИ КАКО НАЧИН НА ПОДОБРУВАЊЕ НА РАБОТЕЊЕТО
Според консултантите на Инсајдер ИД за држави и економии како Балканските, кластерите и конзорциумите се една од можностите за окрупнување на бизнисите, поделба и оптимизација на ресурсите, подобро менаџирање и со тоа преживување на кризата и потенцијално пробив на странски пазари.
Во време на светска рецесија, понудата на производи и услуги од домашните компании кои се ценовно високо конкурентни на странските пазари може да биде уште поатрактивна.
Потенцијалот за домашните бизниси за добивање нови клиенти надвор е пред се поради тоа што компаниите (домашни и странски) ќе се обидуваат да ги намалат оперативните трошоци во следните неколку години, со тоа би се обиделе да ја компензираат загубата што е предизвикана од неработењето за време на кризата или пад на економската активност на среден рок.
Бидејќи домашните компании се ценовно конкурентни, странските многу поедноставно би можеле да ги оптимизираат трошоците и намалат загубата со користење на балкански бизниси како соработници наместо нивните локални партнери. За да бидат домашните компании атрактивни и да можат да одговорат на поголемите барања на компаниите од развиените економии, потребно е групирање на бизнисите во поформален вид како конзорциуми или кластери.
Овој начин е понапреден од претходно обработениот “Професионални менаџерски тимови составени од повеќе компании”, бидејќи за разлика од нив, во кластерите и конзорциумите постои поделба на ресурси и поблиска секојдневна соработка помеѓу компаниите. Државата е потребно да пронајде инструмент и канал за поддршка на ваквиот начин на соработка помеѓу компаниите, бидејќи е помеѓу ретките алтернативи во кои нема потреба од големи финансиски средства за реализација.
Истото би резултирало со зголемување на професионалноста на компаниите и директно влијаело во подобрување на економската активност во самата држава. Пред се е потребна едукација за бенефитите кои би се оствариле преку посочениот начин на соработка. Во Македонија приближно и да не постојат успешни примери на конзорциуми и кластери кои што работат подолг временски период. Стопанските комори се вид на здружување, бидејќи ги штити интересите на компаниите, но потесна соработка помеѓу компаниите е доброволна, најчесто целите се поставени на макро-економски план, нема поделба на ресурси и на крајот нема извршување на заеднички секојдневни бизнис активности.
Соработка во конзорциуми, кластери или “Keiretsu” е многу “потесна” и “секојдневна” и се однесува на исполнување на заеднички бизнис цели како освојување на нови пазари, пренесување на “know-how”, оптимизација на ресурси, намалување на трошоци, унапредување на процеси и слично. Конзорциумите и кластерите можат да бидат иницирани од Стопанските Комори имајќи го во предвид големото членство кое истите го имаат и можноста директно да пристапат кон голем број компании. Всушност, во конзорциум/кластер компаниите соработуваат како една поголема компанија/организација, но си ги зачуваат сопствените идентитети и самостојност.
Од дефинираните трендови јасно е дека ќе има оптимизација и унапредување на поголемиот дел од функциите од компаниите, додека единствениот начин за такво постигнување при ограничени финансиски ресурси е преку здружување помеѓу на истите (со посебен акцент мали и средни) кои што заеднички би ги надминале предизвиците и би ги искористиле претходно дефинираните трендови. Бизнис кластер е здружување на меѓусебно поврзани бизниси, добавувачи и соработници кои се на иста географска позиција и во определена област на дејствување. Кластерите се смета дека ја зголемуваат продуктивноста преку која компаниите можат да се конкурираат како на национално така и на глобално ниво. Како пример за кластер е доколку една или повеќе компании за производство на кондиторски производи кои се позиционирани во определен регион се поврзат помеѓу себе и со добавувачите на репроматеријал, дистрибутерите, транспортерите или дополнителни производители од сродни гранки.
Конзорциум е група основана од минимум две индивидуи, компании или државни институции кои работат заедно за остварување на заедничка цел. Вклучените страни се вклучени во користење на заеднички ресурси, но се одговорни само за обврските кои ги имаат преземено во меѓусебниот договор. Секој субјект кој е дел од конзорциумот ја задржува својата самостојност и продолжува со нормални деловни операции, и нема влијание во другите субјекти кои што извршуваат операции кои се надвор од делокругот на конзорциумот.
Третиот начин на здружување, кој што е целосно непознат во Европски рамки е Јапонскиот “Keiretsu”. Се однесува на бизнис мрежа од различни компании кои имаат блиски релации и често сопственички удели помеѓу себе, додека оперативно остануваат посебни ентитети. Најголем подем посочениот систем на работа има по завршување на Втората Светска Војна (кризен период) како начин за надминување на економската криза и кревање на Јапонската економија како една од најбрзорастечките и најголеми во свет. Како најсоодветни примери за “Keiretsu” се “Mitsubishi” и “Toyota”.
Со самиот факт што Европските лидери ја наведуваат кризата со “COVID-19” како најголем предизвик по Втора Светска Војна и економската криза како потенцијално една од најразорните во последниот век, примената на “Keiretsu” начин на здружување, иако е несвојствен за локалните економии не треба да се исфрли како можност за потенцијално надминување на дел од проблемите.
Најголем бенефит од организацијата во претходно дефинираните е можноста за “окрупнување” и заеднички настапи на надворешни пазари со понуда на поширок спектар на производи и услуги со оптимизирани цени. Организација на компаниите за било каков вид на потесна соработка, ги надминуваат или ќе се насочат кон позитивен развој поголем дел од претходно дефинираните трендови,особено во управувањето, поделбата и оптимизација на ресурсите и процесите (вклучувајќи ги и вработените) а со тоа и воведување на некој начин корпоративно управување на бизнисите. При потесна соработка со други компании, потребно е поставување на правила, норми, задачи, буџети, обврски и одговорности помеѓу учесниците кое што директно влијае кон професионализација на работењето и зголемување на стандардите.
Едноставно сите членови на “организацијата” ќе бидат заинтересирани да ја проценат вредноста и влијанието на новата инвестиција на една членка бидејќи нефункционална инвестиција директно влијае на работењето на сите. Од аспект на оптимизација на ресурсите и процесите, доколку соодветно се организирани кластерите/конзорциумите/”keiretsu” и се застапени компании од различни области, учесниците нема да имаат потреба дел од процесите да ги развиваат интерно во компаниите (пример маркетинг), туку ќе користат услуги од друга компанија (маркетинг агенција) која ќе отстапи дел од интерниот тим по специјални услови на користење. Со тоа, компанијата корисник ќе има уште попрофесионален тим на располагање од тој што интерно би го развивала.
Генерално без разлика кој од посочените методи на групирање на бизнисите ќе се избере, најголемиот предизвик е успешно да се имплементира. Имајќи ги ви предвид трендовите кои што се повеќе се интензивираат, нема да биде прашање дали компаниите треба да се професионализираат, здружат, променат бизнис модели или користат надворешни лица во работењето, едноставно ќе мора да ги имплементираат.
Економската криза, допрва ќе почне да се развива, и не функционирањето на системите да се појавува, единственото што можат локалните економии да го направат е да ги искористат трендовите, соодветно да се позиционираат и на долг рок да излезат со позитивен економски резултат. Моменталниот фокус само на тековните финансиски проблеми, кои што ќе дадат моментален резултат може да биде погубно како за компаниите кои ја користат таа помош така и за економијата во целина. Потребно е фокусирање на целата слика како на краток така и на среден и долг рок за постигнување на оптимални резултати.
Целата анализа може беспларно да се преземе од следниов ЛИНК.