Технолошкиот гигант Meta, во чија сопственост се брендовите Facebook, Instagram и WhatsApp, ја назначи германката Анџелика Гифорд за нова потпретседателка т.е. директорка за регионот на Европа, Блискиот Исток и Африка.
Таа доаѓа на местото на Никола Менделсон, која порано годинава беше назначена за глобална директорка за огласувачкиот бизнис на Meta.
Гифорд се приклучи на Фејсбук во јануари 2020 година како потпретседател за Централна Европа и член на надзорниот одбор.
Позади нејзиното име стои 30-годишно искуство на работа во големи технолошки компании како Hewlett-Packard и Microsoft. Таа истовремено е член на германско-американската трансатлантска асоцијација Atlantik-Brücke и е дел од корпоративниот надзорен одбор на инжинерскиот конгломерат Thyssenkrupp.
„Како потпретседателка за регионот на Европа, Блискиот Исток и Африка, јас сум навистина возбудена што ќе работам рамо до рамо со нашите клиенти и партнери ширум регионот, помагајќи им да ја максимизираат секоја можност за раст на нивниот бизнис и да ги истражуваат можностите кои ќе ги нуди метаверзумот“ – истакна Анџелика Гифорд по повод нејзиното назначување.