Министерството за правда на САД е подготвено да го тужи Google на Alphabet Inc. поради неговата, наводно монополска, доминација врз пазарот за дигитално огласување.
Тужбата ќе биде втора федерална антимонополска тужба поднесена против Google, во која се наведува прекршување на антимонополскиот закон за тоа како технолошкиот гигант ја стекнува или одржува својата доминација.
Претходната тужба на Министерството за правда против Google беше поднесена во 2020 година, а насочена кон неговиот монопол во сферата на онлајн пребарувањето. Судењето по однос на тоа прашање треба да започне во септември.
Се очекува дека новата тужба ќе биде насочена кон огласувачкиот бизнис на Google, кој е одговорен за околу 80% од неговите приходи. Огласувачите и онлајн издавачите веќе некое време се жалат дека Google не е транспарентен за тоа каде одат парите од огласувањето, поточно колку од нив се слеваат на контото на издавачите, а колку одат кај Google.
Технолошкиот гигант исто така има направено серија на корпоративни аквизиции насочени кон купувањето на конкурентни компании, каков што бил случајот со DoubleClick во 2008 година и AdMob во 2009 година, со цел да ја изгради и задржи својата доминантна улога во сферата на дигиталното огласување.
Според Insider Intelligence, уделот на Google во пазарот за дигитално огласување во САД минатата година изнесувал 28,8%.