Технолошката компанија EmbodyMe со седиште во Токио ја претстави својата најнова креација: Xpression Chat – апликација со вештачка интелигенција која им овозможува на корисниците да стапат во дијалог со портрети на реални луѓе или измислени ликови.
Апликацијата ги трансформира поставените слики во аватар со човечки говор, и тоа во избор на 50 различни машки и женски гласови на различни јазици. Тоа значи дека корисниците може да имаат разговор со стар пријател, домашен миленик, лик од видео игра, па дури и сакана личност која починала прерано.
Опцијата да се „оживее“ некого од минатото може да донесе мала утеха за некои луѓе кои се соочуваат со тага и осаменост. Истовремено, оваа технологија може да има интересна примена во сферата на музологијата и тоа во однос на историски личности или ликови од познати уметнички дела.
Сепак, способноста да се симулираат разговори со кого било само врз основа на фотографија исто така предизвикува и загриженост во однос на прашањата за личната приватност, особено во случај кога би се користеле слики од познати личности или други луѓе без нивна согласност.
Од она што засега може да се забележи, компанијата ја користи технологијата за да таргетира бизниси повеќе отколку поединци, обезбедувајќи им можност за креација на чет-ботови со аватар преку кои корисниците и потрошувачите можат да добијат повеќе информации за некоја услуга или производ.
Апликацијата е достапна за симнување преку Apple App Store и Google Play.