Неколку големи компании, најавија дека ќе ja отстранат или цензурираат содржината на ултрадесничарскиот медиум Infowars, основан од страна на теоретичарот на заговори Алекс Џонс
Големите интернет компании во понеделникот започнаа заедничка акција против американскиот теоретичар на заговори Алекс Џонс, на кој одсега му е оневозможен пристапот до Facebook, YouTube, Apple и Spotify, затоа што со години поминувал неказнето.
Овие мерки доаѓаат затоа што YouTube, Facebook и Twitter со месеци беа обвинувани дека не прават доволно во сузбивањето на лажните вести и говорот на омраза.
Apple објави дека ги отстрани подкастите на InfoWars од својата iTunes онлајн продавница и апликацијата за подкасти.
“Авторите и креаторите на содржина мора да ги почитуваат нашите правила кои се многу јасни, бидејќи сакаме нашите корисници да бидат безбедни”, се вели во соопштението на Apple.
Фејсбук, исто така, ги исклучи профилите на Алекс Џонс. Неговата реторика кон трансродовите луѓе, муслиманите и мигрантите беше, исто така, беше полна со говор на омраза, што е една од причините зошто Фејсбук ја отстрани неговата содржина, пренесува Гласот на Америка.
Секој треба да има право да го изрази своето мислење, но исто така сакаме сите корисници на Фејсбук да бидат безбедни. Заради тоа мораме да ја отстраниме секоја содржина која не е во согласност со нашите правила, вклучувајќи го и говорот на омраза и понижување на другите”, се вели во соопштението на Фејсбук.
Основачот на Infowars, Алекс Џонс, стекна слава со помош на теориите на заговори кои ги пропагира, вклучувајќи ги и оние дека нападот на 11 септември и масовното убиство во основното училиште “Сенди Хук” во Конектикат се лажни, односно дека се во режија на американската влада.
Родителите на убиените деца од училиштето “Сенди Хук”, заради овие тврдења, покренаат тужба за клевета.
Јутјуб, исто така, го укина каналот на Алекс Џонс, кој го следеа 2,4 милиони луѓе.