Во пресрет на Параолимписките игри (28.08 – 08.09), американската технолошка компанија Apple објави нов краткометражен филм кој ги слави спортистите со и без попречености.
Филмот насловен „The Relay“ вклучува осум спортисти – четворица со инвалидитет и четворица без. Тие се соочуваат еден со друг во штафета составена од четири круга, но на крајот сите спортисти завршуваат истовремено. Целта на филмот е да ја нагласи еднаквоста помеѓу спортистите и воопшто сите луѓе независно од нивните различности.
Во филмот гледаме повеќе производи и услуги кои што ги нуди Apple, а можат да бидат корисни за сите спортисти.
„Производите на Apple се дизајнирани за секое тело. Без разлика дали сте спринтер, тркач во инвалидска количка, велосипедист на патека или пливач, функциите како што се апликацијата Workout на Apple Watch, метриката за спиење и дневните цели за вежбање – заедно со способноста за снимање и анализирање на вашите перформанси на iPad и Mac – гарантираат дека сите спортисти го имаат она што им е потребно за да тренираат и да се натпреваруваат најдобро што можат“ – стои во описот на кампањата.
Спотот е создаден од внатрешниот креативен тим на компанијата, под раководство на Алис Тонге – извршна креативна директорка на Apple во Лондон.