Како дел од својата кампања “Shot on iPhone” („Снимено на Ајфон“), чија цел е да ги демонстрира кинематографските способности на својот паметен телефон, Apple објави играна адаптација на класичната јапонска манга “Midnight” („Полноќ“) од 1986.
Делото на Осаму Тезука претставува напната, но возбудлива драма за еден таксист во Токио по име Миднајт кој претставува „едно“ со своето возило, односно никој не може да го вози освен него. Приказната се осврнува на чудните патници на кои Миднајт наидува додека го вози своето такси во текот на ноќта.
Во 19-минутната филмска адаптација, режирана од Такаши Мике, дејството е сконцентрирано на една камионџијка која бега од платен убиец, добивајќи помош од таксистот Миднајт. Филмот бил снимен на улиците на Токио, исклучиво со помош на iPhone 15 Pro и iPhone 15 Pro Max.
„Господин Тезука е нешто како бог меѓу манга уметниците, па затоа ми беше чест да го прифатам предизвикот да го изразам неговото дело користејќи само iPhone. Додека снимавме, природно почнав да се предизвикувам себе си да размислувам за тоа како би можеле да направиме дело уникатно за iPhone, надвор од вообичаениот пристап кон снимањето филм. Навистина чувствував дека iPhone има моќ да прави работи што една конвенционална филмска камера не може“ – посочува режисерот Такаши Мике.