Минатата година, Microsoft соопшти дека сака да ги укине лозинките (т.е. „пасворди“), дозволувајќи им на корисниците да се одлучат за алтернативни методи за автентификација наместо да памтат „збунувачки“ лозинки кои можеби и не се особено безбедни.
Сега, кон таа иницијатива се приклучуваат Apple и Google, при што трите компании објавија заеднички планови за соработка во создавањето на стандардизирана функција за најавување со World Wide Web Consortium и FIDO Alliance, организација основана во 2013 година со цел да ја намали нашата зависност од вообичаените лозинки.
Во новото соопштение, компаниите истакнуваат дека следењето на сите лозинки станало „претешка“ задача, особено затоа што различни веб-страници имаат различни барања, како што се специјални знаци, бројки и големи букви. Оттука, потребата од нова опција што ќе им овозможи на сите интернет страници и апликации да понудат „конзистентни, безбедни и лесни најавувања без лозинка за потрошувачите на различните уредите и платформи“.
Новата функција ќе ги користи истите дејства што корисниците веќе ги прават повеќе пати на ден, како што се верификација врз основа на отпечаток од прст или идентификација на лице, или PIN кој што е специфичен за уредот. Според компаниите, ваквите опции би биле „радикално побезбедени“ од вообичаените лозинки или еднократни шифри испратени преку СМС пораки.
„Соработката со индустријата за воспоставување нови, посигурни методи за најавување кои нудат подобра заштита и ги елиминираат ранливостите на лозинките е централна за нашата посветеност да изградиме производи кои нудат максимална безбедност и транспарентно корисничко искуство“, истакнува Курт Најт, постар директор за маркетинг на производи во Apple.