Во пресрет на Меѓународниот ден на лицата со посебни потреби (3 декември), технолошкиот гигант Apple отпочна нова рекламна кампања која има за цел да покаже како технологијата им помога на лицата со посебни потреби.
Централниот спот од две и пол минути, насловен “The Greatest” („Најдобриот“), прикажува корисници со различни попречености како максимално ги искористуваат функциите на својот iPhone, Apple Watche или Mac.
Па така, во една сцена гледаме жена што ја користи функцијата AssistiveTouch на Apple за навигација низ сликите на нејзиниот iPhone, користејќи ги прстите на нозете. Во друг случај, еден слеп музичар ја користи моќта на алатките за аудио описи и VoiceOver на Apple за да добие претстава за она што е на неговиот екран и во просторијата околу него. Трет човек во инвалидска количка користи Apple Voice Control за да му каже на својот iPhone кога да направи селфи.
Спотот се емитува со можност за вклучување на аудио опис, сé со цел да биде достапен и за луѓето со нарушен вид.
„Ние во Apple веруваме дека пристапноста е човеково право. Иновативните функции како што се детекцијата на врати, препознавањето звук, гласовна контрола и повеќе, се дизајнирани да ви овозможат да ги користите вашите уреди на начини кои најдобро функционираат за вас“ – посочува компанијата во описот на кампањата.
Меѓународниот ден на лицата со посебни потреби започна да се одбележува во 1992 година од страна на Обединетите нации, а неговата овогодишна тема е „улогата на иновациите во поттикнувањето на пристаплив и правичен свет“.