Американскиот технолошки гигант Apple го објави најновото продолжение на нивната кампања „Снимено на Ајфон“. Овој пат се работи за 13-минутен филм насловен “Suerte” („Среќа“), во кој се слави латиноамериканската култура.
Филмот ги спојува световите на музичкиот жанр Música Mexicana и традиционална мексиканска игра на среќа Loterina, раскажувајќи приказна за млад американец со хиспанско потекло кој го надминува својот креативен блок така што се поврзува со своите корени.
Краткометражниот филм, снимен исклучиво со помош на паметниот телефон iPhone 15 Pro, е дело на мексиканско-американските режисери Пасквал Гутиерез и Раул Санчез. Во филмот глумат неколку ѕвезди на Música Mexicana, вклучувајќи ги изведувачите Иван Корнехо, Еден Муњоз, Марија Зардоја, како и продуцентот Камило Лара.
Новото кинематографско остварување на Apple е реализирано во соработка со креативната агенција TBWA\Media Arts Lab Latam и продукциската куќа Landia.