Apple неодамна одлучи да ја отстрани играта Fortnite од нивниот App Store, откако беше откриено дека играта имплементирала систем за плаќање кој ја заобиколува стандардната 30% „такса“ која Apple ја наплаќа за секоја трансакција во рамки на апликациите поставени на App Store.
Компанијата Epic Games, која стои позади играта Fortnite, реагираше брзо и поднесе тужба против Apple, обвинувајќи го технолошиот гигант за „нелегално одржување на монопол“. Но, работите не застанаа тука. Epic Games отиде уште еден чекор понатаму и објави пародија на една од најпознатите реклами на Apple на сите времиња – „1984“ на Ридли Скот со која беше лансиран персоналниот компјутер Макинтош.
Меѓутоа, во новата верзија на рекламата насловена „Nineteen Eighty-Fortnite“, негативецот кој сака апсолутна контрола е токму Apple, а херојот е женски карактер од Fortnite кој го крши екранот на „големиот брат“
„Epic Games се спротивстави на монополот на App Store. Во знак на одмазда, Apple ја блокираше Fortnite од милијарда уреди. Придружете се во борбата да спречиме 2020 да стане 1984“, се истакнува на крајот од рекламата која до пишувањето на овој текст собра скоро милион и половина прегледи, над 134.000 реакции и скоро 22.000 коментари на YouTube.