Со цел да ја илустрира долготрајноста на батеријата на својот нов смартфон iPhone 11 Pro, технолошкиот гигант Apple и агенцијата TBWA\Media Arts Lab London објавија епска реклама долга 5 часа, 19 минути и 28 секунди, целосно снимана на новиот смартфон во едно снимање, без дополнително полнење на батеријата. На крајот од снимањето, телефонот имал уште 19% батерија.
Рекламата во суштина претставува документарна турнеја на познатиот музеј Ермитаж во Санкт Петербург, Русија. Режиран од 29-годишната Аксинија Гог, филмот нѐ води низ 45 јавни галерии на музејот, вклучувајќи 588 ремек-дела од уметници како Рембрант, Рафаел, Караваџо и многу други, истовремено прикажувајќи и музички и танцувачки перформанси во живо кои кулминираат со 30-минутен концерт на рускиот пијанист и композитор Кирил Рихтер.
Се чини дека рекламата е инспирирана од филмот Russian Ark на Александар Сокуров од 2002 година – 96 минутна историска драма направена во едно снимање во музејот Ермитаж со помош на камерата Sony HDW-F900.
Подготовките за снимањето на петчасовната реклама траеле неколку месеци и бројни координации помеѓу компанијата, агенцијата и музејот. Евентуално, од музејот им доделиле 6-часовен термин во еден понеделник (ден кога музеите во светот не работаат) со цел да ја снимат рекламата-филм. Едноставно немало простор за грешка.
За оние кои немаат време да го гледаат целиот филм, Apple објави и трејлер од минута и половина: