Американскиот технолошки гигант Apple беше принуден да повлече реклама чие дејство се случува во Тајланд, по бурните критики на тајландската јавност и повиците за бојкот.
Се работи за краткометражниот филм „The Underdogs: OOO (Out Of Office)“, како петто продолжение на комичната серија што следи група колеги кои се справуваат со задачите на работното место и решаваат проблеми благодарение на производите и улугите на Apple.
Брендираниот филм беше објавен пред две недели, а неговото дејство се случува во тајландските градови Бангкок и Рајонг, каде протагонистите патуваат со нискобуџетен лет во потрага по нова фабрика за пакување. Како дел од нивната авантура, протагонистите се возат во малечко такси на три тркала, комуницираат со локалните жители кои имаат специфични манири и престојуваат во трошен хотел.
Голем дел од тајландските корисници на социјалните мрежи реагираа негативно на објавениот филм, посочувајќи дека земјата е погрешно претставена како неразвиена и застарена.
Од Apple одговорија дека тоа воопшто не била нивната намера и дека се извинуваат за настанатото недоразбирање. „Нашата намера беше да го прославиме оптимизмот и културата на земјата и се извинуваме што денес не ја доловуваме целосно живоста на Тајланд. Филмот повеќе нема да се емитува“ – стои во соопштението на компанијата.
Реакцијата доаѓа во време кога тајландските власти се обидуваат да го подигнат статусот и имиџот на нацијата како глобална туристичка дестинација.