Американскиот технолошки гигант Apple се соочува со својата прва казна наметната од страна на Европската унија, поради наводно кршење на европската регулатива за слободниот пристап до услуги за стриминг на музика – пренесува Фајненшал Тајмс.
Казната, која веројатно ќе изнесува околу 500 милиони евра и се очекува да биде објавена на почетокот на следниот месец, е кулминација на антимонополската истрага на Европската комисија за тоа дали Apple ја користел сопствена платформа за да ги фаворизира своите услуги во однос на оние на конкурентите.
Истагата отпочнала во 2019 година, откако платформата за стриминг на аудио содржини Spotify поднела официјална жалба до регулаторите. Според наводите, Apple блокирал апликации кои ги информирале корисниците на iPhone за поевтини алтернативи за пристап до музички претплати надвор од нивниот App Store.
Доколку наводите се покажат точни, Apple ќе биде обвинет за злоупотреба на својата моќна позиција и наметнување антиконкурентни трговски практики спрема другите учесници на пазарот. Покрај паричната казна, одлуката би ја забранила практиката на Apple да ги блокира другите музичките сервиси и да им дозволи на корисниците да се префрлат на поевтини алтернативи.