Поранешниот гувернер на Калифорнија, боди билдер и филмска ѕвезеда, Арнолд Шварценегер, стана познат по своите улоги на „опасни“ и „мажествени“ ликови во филмови полни со акција, големи експлозии и бучни автомобили. Но, неодамна, тој се исмеваше токму со овој стереотип.
„Маскиран“ со лажни мустаќи, перика и капа, тој се стави во улога на продавач на автомобили кој е љубител на „мускулни“ возила во најновата кампања на непрофитната организацијата за промоција на електрични автомобили Veloz.
Штом ќе се појави некој заинтересиран купувач за електричен автомобил, Шварценегер се појавува со своето „напорно“ инсистирање и максимално персонифицирање на „мускулниот“ стереотип за да го „предомисли“ купувачот. Но, не само што не го предомислува, туку го зацврстува неговото убедување никогаш да не купи „мускулен“ автомобил.
Од организацијата Veloz велат дека „сериозна реклама никогаш не би го имала истиот ефект како хумористичниот пристап да се стават лажни мустаќи на Шварценегер“.
Според Арнолд, кој е познат по неговата лична и политичка посветеност на екологијата и обновливите извори на енергија, „колку и да е сериозна една тема, сé има и своја хумористична страна“.