Институтот на комуникациски агенции од Канада (ICA) ги повика агенциите да го бојкотираат огласот за креативна агенција на организацијата YMCA, сé додека таа не направи суштински промени во презентираниот питч.
Претседателот на ICA, Скот Кнокс, изјави дека неколку агенции ја контактирале асоцијацијата со загриженост поради објавениот оглас на YMCA пред три недели, по што ICA го истражила случајот и идентификувала неколку проблеми во врска со него:
- Не е наведен јасно определен буџет за бараните улуги;
- Повикот не појаснува дали спекулативните креативни дела ќе бидат вратени или дисквалификувани, иако е наведена клаузула според која агенцијата ги задржува сите права за искористување на презентираните идеи без надоместок;
- YMCA не открива колку агенции се поканети на питчот.
Од YMCA истакнуваат дека се „разочарани од одлуката за бојкот на асоцијацијата.“ Според Џенифер Холмс Вијер, потпретседател за комуникации во YMCA Canada, „приоритетите и буџетот на организацијата се менуваат секоја година, па целта на огласот е да се избере „преферирана“ креативна агенција за соработка за идните потреби на организацијата.“
Кнокс посочи дека бојкотот е „чин во краен случај“ за ICA, откако од YMCA одбиле да ги направат промените посочени од асоцијацијата. Ова не е првпат како ICA повикува на бојкот на оглас – претходно тоа го има направено за огласи на Toronto Zoo, TD Bank и Toronto Transit Commission (TTC) и во сите три наврати „тактиката“ била успешна.
Од 2017 година, ICA го има воведено т.н. „Pitch Watchdog“, преку кој ги мониторира огласите на агенцискиот пазар, со цел да ги заштитува агенциите од доведување во подредена положба на огласувачите. Кнокс имплементирал и сличен систем со Асоцијацијата на маркетинг агенции на Обединетото Кралство пред осум години.
ICA соработува со преку 60 големи брендови, повеќето од кои пристапиле кон ICA на доброволна основа, со цел нивните огласи да бидат во согласност со правилникот на асоцијацијата.