Ако индустријата за часовници има еквивалент на дуото Ленон и Мекартни, тоа би биле Жил Луис Аудемар (Jules Louis Audemars) и Едвард Август Пигет (Edward Auguste Piguet).
Овие два талентирани занаетчии од Швајцарија за прв пат се сретнале во нивните рани дваесети години, односно во 1874 година, и веќе следната година основале заедничка компанија – Audemars Piguet – со цел да создаваат часовници со комплексни механизми.
Аудемар ги произведувал сировите компоненти, а Пигет ги додавал завршните елементи и ги доработувал часовниците. Компанијата била водена од желба да биде независна и да ги прави работите на поинаков начин од другите, резултирајќи со низа технички иновации во изминатите 138 години.
Со седиште во селото Ле Брасу, Audemars Piguet ги има изработено некои од најкомплексните часовници пред 20 век, вклучувајќи и повеќе новини за кои биле први во светот. Во 1892, на пример, тие го создале првиот часовник со “минутен репетитор” – функција преку која часовникот звучно ги “отчукува” минутите по притискањето на посебно копче.
Во 1921 години, во времето кога компанијата произведувала луксузни часовници ребрендирани за Tiffany & Co, Cartier, and Bvlgari, Audemars Piguet го произвела првиот часовник со “скокачки стрелки”, односно, функција според која стрелката која го покажува часот не се движи прогресивно, туку “скока” директно на следниот час. Четири години подоцна, тие го создале и најтенкиот џебен часовник во светот, со дебелина од само 1.32 милиметри.
Компанијата го развила и првиот “скелетен часовник” во светот во 1934 година, овозможувајќи сите сложени движечки делови на механизмот да бидат видливи под бројникот. Тоа бил новитет кој почнал “на големо” да се имитира, но до ден денес го владее Audemars Piguet.
Во 1972 година, Audemars Piguet ја лансираше една од најлегендарните колекции на часовници на сите времиња – Royal Oak (Кралски Даб).
Именувана според приказната во која англискиот крал Чарлс II во 1651година се спасил од своите гонители откако се сокрил во крошна од даб, Royal Oak го материјализираше независниот менталитет на Audemars Piguet, претставувајќи првата колекција на луксузни часовници изработена од нерѓосувачки челик во време кога сите часовници од висока класа биле произведувани исклучиво од злато. Денес, таа претставува колекција која е веднаш препознатлива и естетски карактеризирана со бројник во Guilloché техника и октагонален безел, зацврстен со големи завртки.
Во 1993 година, Audemars Piguet ја претстави и првата спортска инкарнација на колекцијата – Royal Oak Offshore – со големо куќиште од 42 милиметри, анти-магнетна заштита, делови од груби материјали како јаглен, гума и кристално стакло од сафир отпорно на гребнатинки.
Друга значајна колекција е “Jules Audemars”, именувана според еден од основачите, кој уште по самото основање на компанијата во 1875 година создал дваесетина исклучиво комплексни механизми кои биле искористени како темел за оваа колекција. Сите часовници од неа се кружни и вклучуваат комплексни функции како турбилон, минутен репетитор и т.н. “вечен календар”.
Во 1995 година, Audemars Piguet ја лансира и колекцијата Millenary, која нуди тридимензионален поглед на движењето на механизмот. Колекцијата се карактеризира со овални куќишта, куполно сафирно стакло и нецентриран бројник кој овозможува отворен поглед на балансното тркало.
Сите часовници на Audemars Piguet се изработени рачно во неавтоматизиран процес од страна на мал специјализиран тим кој ги следи стапките на основачите – на традиционалиот “старомоден” начин.
Компанијата претставува една од ретките во часовничарската индустрија која сé уште е независна и водена од членови на основачките семејства Аудемар и Пигет.