Австралија стана првата земја во светот која воведе обврска за дигиталните компании како Фејсбук и Гугл да им плаќаат на домашните медиуми за пренесување на нивната содржина.
Парламентот во четвртокот го одобри законот што ќе му дозволи на владиниот арбитер да одлучи за цената која што дигиталната компанија треба да им ја плати на медиумите, доколку двете страни не успеат да постигнат договор.
Австралиската влада изјави дека овој закон “гарантира дека медиумските куќи добиваат фер компензација за содржината што ја произведуваат, што ќе придонесе за заживување на новинарството од јавен интерес во Австралија“.
Конечната форма на законот вклучува збир на амандмани како дел од договорот постигнат во вторникот меѓу австралиската влада и Фејсбук. Измените вклучуваат двомесечен период на посредување што ќе им овозможи на гигантите и издавачите на вести дополнително време пред да бидат принудени да ги почитуваат владините прописи.
Договорите ставија крај на застојот поради кој Фејсбук минатата недела ја блокираше целата содржина на вести во Австралија, со што беше елиминирана можноста тие да бидат прегледувани и споделелувани.
Интернет страниците на неколку јавни агенции и служби за итни случаи беа исто така блокирани на Фејсбук, вклучително и страници кои вклучуваат најнови информации за епидемијата Ковид 19, пожари и други природни катастрофи.