Австралија ќе донесе закон со кој ќе ги обврзува Google и Facebook да ги делат приходите од рекламирање со локалните медиумски компании затоа што ја користат нивната содржина, изјави министерот за финансии Џош Фрајденберг, објави Ројтерс.
Ова ќе ја направи Австралија една од првите земји што ги принуди дигиталните платформи да плаќаат за користената содржина. Владата побара од австралиската комисија за конкурентност и потрошувачи да излезе со обврзувачки кодекс за регулирање на односите меѓу медиумите и дигиталните платформи. Претходната идеја беше кодексот да биде доброволен, но преговорите со двете платформи не успеаја.
Кодексот ќе вклучува обврски за споделување на податоци, рангирање и приходи од вести. Предвидени се и механизми за решавање спорови.
Анализите на нивниот пазар покажаа дека на секои 100 долари потрошени за рекламирање, скоро една третина одат на Гугл и Фејсбук, што локалните медиуми ги доведува во неповолна позиција за својот опстанок.
Фејсбук изрази незадоволство од оваа одлука бидејќи како што тие велат “инвестирале значителни суми на пари за поддршка на австралиските издавачи” . Гугл соопшти дека тие ќе продолжат да соработуваат со властите во изработувањето на Кодексот
Австралискиот пазар за рекламирање преку Интернет се проценува на скоро 9 милијарди австралиски долари (5,72 милијарди американски долари) годишно и е пораснат за повеќе од осум пати во споредба со 2005 година.