Австралискиот бренд за душеци Koala Mattress постави билборд непосредно до продавница на IKEA во Сиднеј, исмевајќи се со комплексниот и понекогаш фрустрирачки процес на составување на производите на шведскиот гигант за мебел.
Билбордот по својот дизајн потсетува на каталог на IKEA и го содржи натписот „NÖFNIDEÅ?“, кратенка за „No F*cking Idea“ со употреба на букви од шведската азбука, по што следува „Нема алати, нема грижи“ и веб адресата на компанијата.
Билбордот е дело на сопствениот креативен тим на Koala и целта била да се „информираат потрошувачите за леснотијата на купување и поставување душеци“. Креативниот директор на компанијата Метју Роси објасни дека убедувањето на регулаторите да го дозволат билбордот било „вистинска борба“, но задоволен е од резултатот.
Koala Mattress е основана како онлајн стартап компанија во Австралија во 2015 година, по што се издигна во еден од водечките австралиски брендови за мебел преку своите досетливи адвертајзинг кампањи и силно присуство на социјалните медиуми.