Музејот на стара и нова уметност (Museum of Old and New Art – MONA) е најголемиот приватен музеј во Австралија и втора најпосетувана туристичка атракција во Тасманија. Музејот изложува древни и современи експонати, а поради фокусот на теми како секс и смрт, од својот сопственик Дејвид Валш е наречен „субверзивен Дизниленд за возрасни“.
Но, се чини дека на еден дел од луѓето и не им се допаѓа оваа насока во која тргнал музејот, па решиле своето незадоволство да го изразат преку оставање на негативни рецензии на онлајн платформи како TripAdvisor, Facebook и Google.
Сепак, за „чуден“ музеј кој се гордее со својата „чудност“ и „субверзивност“, овие лоши рецензии дојдоа како одличен материјал за нова субверзија и нивна креација во промотивна кампања.
Така, музејот ја лансираше кампањата “Best of Our Worst Reviews” („Најдобрите од нашите најлоши рецензии“), при што централниот спот прави иронична споредба на лошите рецензии со снимки на „тажни“ и „гневни“ луѓе, во амбиент на облачно сивило.
Музејот исто така планира да произведе сувенири на кои ќе бидат испишани некои од лошите рецензии.
„Малку огласувачко трошење е неопходно зло во обид да ѝ помогнеме на тасманиската туристичка индустрија да се опорави од ефектите на Ковид-19. Но, надежно, тоа го правиме на нашиот MONA-начин – оној што е непромислен и потенцијално катастрофален“, истакнува Роби Брамал, директор за маркетинг и комуникации во музејот MONA.
Кампањата е создадена со помош на креативното студио Finch.