Австрискиот Wiener Zeitung, еден од најстарите весници во светот, го издаде своето последно дневно издание во петокот, после 320 години од своето основање.
Весникот, кој е во сопственост на австриската влада, но е уреднички независен, го објавил својот прв број на 8 август во далечната 1703 година, со мисија да ги пренесува вестите „без ораторски или поетски сјај“. Откако тој се издава, во Австрија поминале 12 претседатели, 10 кајзери и две републики.
Меѓутоа, неодамнешна промена во државната легислатива стави крај на законското барање компаниите да плаќаат за објавување јавни огласи во печатеното издание на весникот, со што неговото дневно издание повеќе нема да биде профитабилно.
Оваа промена резултираше со проценета загуба од 18 милиони евра и го принуди весникот да укине вкупно 63 работни места, вклучително намалувајќи ја својата новинарска редакција од 55 на само 20 луѓе.
Весникот ќе продолжи да објавува онлајн, а се надева дека ќе дистрибуира и месечно печатено издание, иако тој план сè уште е во развој.
Во своето последно дневно печатено издание, објавено во петокот, весникот го обвинува новиот владин закон за крајот на неговото печатено издание и порача: „Ова се бурни времиња за квалитетното новинарство… На сè повеќе платформи, сериозните содржини се борат за внимание со лажни вести, видеа со мачки и теории на заговор“.