Австриските трговци на мало се жалат на матичниот регулатор за двојната улога на Амазон: како малопродажен трговец и како платформа за тргување.
Во најголемото австриско здружение на малопродажни трговци, објаснувајќи ги причините за поднесувањето на приговорот, истакнуваат дека главен проблем е “двојната улога на Амазон“ како трговец на мало и платформа за тргување на која се продаваат производи од другите малопродажни трговци.
На овој начин, Амазон може да ги види цените на сите трговци регистрирани на својата платформа, да понуди пониски цени, и во долгорочна перспектива, теоретски, може да им ги преземе нивните бизниси – велат од здружението на трговци на мало.
Во образложението тие наведуваат податок дека дури 93% од сите австриски купци на интернет барем едно купување го прават преку Амазон. Австрискиот весник Der Standard објави дека располага со документи кои покажуваат дека австриската сојузна канцеларија за пазарно натпреварување ќе покрене истрага за Амазон.
Европската комисија и германската регулаторна агенција исто така покренале истрага за улогата која Амазон ја игра на нивните пазари.