Во денешно време, сѐ повеќе луѓе ја прашуваат вештачка интелигенција кога бараат информации за нивната дестинација за одмор, што може да доведе до генерички одговори или прилично мејнстрим предлози. Тоа беше повод за Австриското национално туристичко биро да ја лансира првата „автентична интелигенција“ во светот, наречена Chat SkiPT.
Во оваа кампања, вистински ски инструктори и локални водичи го зазедоа местото на чет-ботови со вештачка интелигенција и одговарија на прашањата на посетителите во однос на зимските одмори, зимските спортови и други прашања во таа насока.
На специјализиран веб-сајт, од 17 до 20 јануари 2024, посетителите имаа можност да ги внесат своите прашања во прозорец за разговор, сличен како оној на ChatGPT. Меѓутоа, наместо вештачка интелигенција, Chat SkiPT одговарал со помош на „автентичната интелигенција“ на 16 австриски ски инструктори и водичи. Експертите понудиле длабинско знаење за скијањето, откривајќи им на заинтересираните како да уживаат во австриската зима, истовремено споделувајќи збор или два мудрост со доза на австриски хумор.
„Зимските одмори во Австрија не се само најсовремена скијачка инфраструктура со над 23.000 хектари патеки и повеќе од 2.600 ски-лифтови. Она што го прави посебен одморот во Австрија се автентичните искуства и личните контакти. Разговорите со локалните луѓе, домаќини и инструктори за скијање. Ние во австриската национална туристичка организација сме ентузијасти за технологијата и отворени за способностите и можностите кои ги нуди вештачката интелигенција. Но, со ChatSkiPT, сè уште сакаме да ги потсетиме сите дека се зависи од луѓето и дека вештачката интелигенција не може да го замени пријателскиот австриски шарм, барем сѐ уште не“ – вели Астрид Штехарниг-Штаудингер, извршна директорка на Австриското национално туристичко биро.
Кампањата била реализирана во соработка со креативната агенција Wien Nord Serviceplan, продукциската куќа SOVISO Filmproduktion OG и медиската агенција dentsu X.