Со лансирањето на новата глобална кампања “People Are Good For You” („Луѓето се добри за тебе“), популарниот американски бренд на бурбон Jim Beam го претстави својот освежен визуелен идентитет.
„Го започнавме овој процес со навраќање кон нашето наследство како бренд создаден низ генерации од првото семејство на бурбон. Џим Бим е иконичен бренд кој ја слави моќта на човечкото поврзување повеќе од 200 години, враќајќи се на предниот трем на семејната куќа на фамилијата Бим каде што секој беше добредојден“ – објаснува глобалната потпретседателка на брендот, Вероника Мура.
Мура тука алудира на сведоштвото на Фред Ное, правнук на основачот Џим Бим, кој открил дека многу од одлуките поврзани со развојот на брендот произлегле од семејните собиранки на семејството Бим на нивниот трем.
Овие сведоштва на семејството Бим претставувале важен „инпут“ во дизајнерскиот процес спроведен од агенцијата Turner Duckworth од Лондон, чиј креативен директор Мет Луркок посочува дека токму семејната куќа било местото каде за првпат овој познат бурбон бил флаширан и споделен, каде што се родиле традициите и каде што луѓето постојано се собирале повеќе од седум генерации.
Останувајќи доследни на таа традиција, агенцијата и брендот се одлучиле да не прават радикални промени во визуелниот идентитет на производот и неговото иконично шише. Па така, тука е препознатливата етикета, типографијата и црвената розета, но суптилно подобрени (и заоблени) за да зрачат со поголема „топлина“, „автентичност“ и пред сé – „човечност“.
„Нашата нова глобална кампања целосно ја прикажува нашата автентичност и топлина и ја потсетува публиката дека нема поспецијално чувство од тоа да се биде покрај други луѓе“ – уверено заклучува потпретседателката на Jim Beam, Вероника Мура.