Две награди во категориите „Принт“ и „ТВ“, за клиентот Халкбанк АД Скопје, го одбележаа настапот на агенцијата McCann Скопје, дел од групацијата АМА, на овогодинешниот регионален фестивал на интегрирани комуникации „Кактус“, поставувајќи ја агенцијата меѓу најкреативните играчи во регионот. Зад овие успеси стои уметничкиот тим на агенцијата кој ја издигнува креативната дисциплина на едно повисоко ниво. По повод новите признанија, разговараме со наградените арт директори Бобан Милановиќ и Петре Решов за умешноста, визуелната прецизност и за тоа како се создаваат дела што не се само видливи – туку препознатливи.
Маркетинг365: Како би го опишале вашиот визуелен стил?
Бобан: Искрено не сум размислувал за мојот стил. Вака кога ќе размислам има доза на минимализам. Сакам чистина и главно се водам по тоа да се комуницира јасно, но со многу голем фокус на деталите, емоцијата и пораката која треба да се пренесе.
Петре: Избегнувам хаос и пренатрупаност. Сакам решенијата да дишат, да имаат јасна идеја и естетика што не е наметлива, ама остава впечаток, природно тежнеам кон јасни визуелни решенија и визуелен ред. Но, реално секој проект си носи свои потреби и пристапот секогаш ми е различен. Се прилагодувам на брифот, на брендот и на енергијата што треба да ја пренесеме.
Маркетинг365: Каде барате инспирација кога ќе добиете бриф?
Бобан: Инспирацијата доаѓа на крај од процесот би рекол. Првично почнувам од самиот бриф и бренд. Добар бриф знае да те ослободи и да те насочи кон потенцијални решенија, правци каде би одел. Потоа истражување, читање за проблемот кој треба да се реши, многу прашања и одговори, запознавање со целната група кон која се обраќаме… Сето тоа води кон различни референци: уметност, филм, фотографија, илустрација, музика…
Петре: Прво се фокусирам на проблемот, потребно е да ја сфатам вистинската потреба на брифот за да можам да ја најдам правилна насока. Потоа почнувам да барам решенија за тој проблем, а инспирацијата може да дојде буквално од секаде: секојдневниот живот, искуство, книги, кампањи, ситници што ми го привлекуваат вниманието и ми будат емоции без разлика дали позитивни или негативни.
Маркетинг365: Како балансирате помеѓу идејата и барањето на клиентите?
Бобан: Зависи од клиент, некогаш успеваш да избалансираш, некогаш не. Има клиенти што се отворени за комуникација и кои прифаќаат сугестија, даваат конкретни и реални забелешки, кои кога ќе се разгледаат од друг агол придонесуваат идејата да еволуира и да стане уште подобра.
Петре: Не е секогаш лесно кога клиентите имаат свои очекувања или ограничувања, а ние имаме свој креативен пристап. Но, баш во тој процес напред – назад се раѓаат најдобрите креативни решенија. Но, тоа не е секогаш така…
Маркетинг365: Како изгледа добра соработка со стратег/копи/креативен директор?
Бобан: Добра соработка значи отворена комуникација помеѓу тимот, егото тргнато настрана и фокусираност на создавање на нешто ново, креативно кое ќе му служи на брендот.
Петре: Потребно е сите да разбереме која е целта во одреден проект, слободно да споделуваме идеи и да се предизвикуваме едни со други. Кога има доверба и почит, различните перспективи го прават резултатот подобар и поинтересен.
Маркетинг365: Кој тренд во дизајнот сакате да го избегнете? Кој сакате да го следите?
Бобан: Сакам да го избегнам трендот на медиокритет, а сакам да го следам трендот на квалитет.
Петре: Избегнувам трендови што се само визуелна шминка, без никаква идеја или концепт. Сакам да следам трендови кои носат нови перспективи, инспирација и начини на раскажување на приказни со цел да се зајакне пораката на брендот.
Маркетинг365: Кога и како идејата станува храбра?
Бобан: Кога кажува нешто ново, на поинаков начин кој не е виден претходно.
Петре: Идејата станува храбра кога ќе ја пуштиме да дише, кога експериментираме и дозволуваме грешки. Потребно е да излеземе од сопствената зона на удобност за да добиеме поразлични резултати.
Маркетинг365: Што подразбирате под „умешност“, или како што во нашата индустрија жаргонски се нарекува – „craft“?
Бобан: „Craft“ е труд. „Craft“ e стемеж кон совршено. „Craft“ е внимание кон деталите и беспрекорна егзекуција во секој аспект на кампањата, без разлика дали станува збор за дизајн, копи, уметничка насока, стратегија…
Петре: „Craft“ значи да пробуваш, да доусовршуваш работи што на прв поглед никој не би ги забележал, но тие прават целата работа да функционира на едно друго ниво.
Вниманието кон сите детали, посветеноста и трпението при изведбата се клучни за да добиеме креативно решение кое е на друго ниво…
Денес, за жал, ретко кој го прави тоа, генерално се бараат решенија за многу краток временски период. Потребно е време и вистинска посвета за „craft“.

Маркетинг365: Кои беа критичните точки при креирањето на награденото принт решение „Last tree ring“?
Петре: Најважно и прво беше самата идеја. Тргнавме од проблемот со пожарите во Македонија и стигнавме до едноставно, но моќно решение што ја пренесува пораката јасно.
Реализацијата на принтот беше предизвик од самиот почеток – тешко беше да се долови сцената да изгледа природно, буквално како да се наоѓаш пред изгореното дрво, без нешто да биде претерано при реализацијата.
Добрата фотографија беше клучна, а тука Ани и Дими навистина го извадија максимумот од себе. Потоа следеше обработката, која траеше долго, затоа што бевме посветени буквално на секој детал, огинче, чад, секој ситен елемент – сè да изгледа како што треба.
Бобан: Од сам старт разгледувавме различни правци и стилови за реализација. Од прва отпадна да биде 3D и знаевме дека мора да биде фотографија. Дилемата беше дали да има документаристичка фотографија или да биде синематична и драматична.
Разгледувавме различни локации за фотографирање на отворено, со реални дрвја, меѓутоа се одлучивме да одиме со фотографирање во студио и правење на композит за финалната фотографија. Заклучивме дека фотографијата мора да има драма и синематичност.
Прва критична точка беше сценографијата, трупецот мораше да изгледа вистински изгорен, плус мораше да биде голем за да има доволно годови на него. Сценографот Михаил Панев – Михац заврши одлична работа во тој поглед.
Втора критична точка беше самото фотографирање, најмалку критична би рекол, бидејќи знаевме што сакаме да добиеме и соработувавме со Ани и Дими кои се одлични фотографи. После сето ова имавме многу добра основа за надградба на визуелното решение.
Најкритична беше пост-продукцијата, правењето на композит фотографија и сето тоа да изгледа реално. Многу слоеви, многу верзии, многу напред – назад, за на крај да сме задоволни со резултатот.
Маркетинг365: Како знаете дека изведбата е навистина завршена?
Бобан: Кога нема ништо што би сменил. Кога сè е на своето место и изгледа природно. Ништо не е вишок и ништо нè недостасува.
Петре: Кога ќе го погледнам решението и ќе нема ништо што би менувал.
Маркетинг365: Дали во принтот има нешто што сте го направиле, а никој не го забележал?
Бобан: Кога го гледаш принтот со подзатворени очи 5 секунди, ќе видиш Јети во позадина хаха.
Па не би рекол баш никој, ама дефинитивно „да“! Ситни детали како текстури што даваат длабочина, сенки, светла, чадови… сè со цел да изгледа подобро.
Петре: Постојат многу детали кои верувам дека можеби никој не ги забележал, а сум потрошил многу време за да бидат совршени. Тоа се тие моменти кои знам дека ретко кој ќе ги примети, но мене ми е важно да ги реализирам како што треба.
Маркетинг365: Како оваа награда го менува стандардот за следните проекти?
Бобан: Поставува повисоко ниво на работата за во иднина. Стремеж кон секојдневно подобрување и уште награди.
Петре: Секоја награда те мотивира следниот пат да си подобар и подобар. Барем мене „гладот“ за подобри решенија и проекти секогаш ми расте. Со секоја победа сфаќаш дека мораш следната година да се вложиш повеќе за да добиеш повеќе.
Маркетинг365: Книга/филм/уметник/кампања што влијаеле на вашиот стил?
Бобан: Ги има повеќе, би издвоил сега што ми текнуваат: „Cutting Edge Advertising“ од Џим Ејчисон (Jim Aitchison) – феноменален автор на кого му текнало најдобрите светски креативци да му ја напишат книгата, а тој само да ја склопи. Инаку серијал од 3 книги, вклучувајќи ги „Cutting Edge Commercials“ и „Cutting Еdge Radio“ кои се исто така добри. Разни книги со наградувани кампањи од фестивали, документарци како: „Art & Copy“, „Helvetica“, „Abstract: The Art of Design“…
Петре: Тешко ми е да издвојам само едно дело или едно име, затоа што мојот стил е резултат на многу различни влијанија низ годините. Најголемо влијание врз мене сепак имаат луѓето со кои работам секој ден. Нивниот пристап, различните перспективи и креативната енергија.
Маркетинг365: Совет што ве охрабрил на почетокот?
Бобан: Иако не е совет: „Не е важно колку си добар, важно е колку добар сакаш да бидеш“ – Пол Арден.
Петре: Немав некој конкретен совет, баш напротив сите ме охрабруваа да бидам доктор или адвокат… Но уметноста, дизајнот и адвертајзингот секогаш ме фасцинирале.
Многу е важно во оваа индустрија да сте трпеливи, никогаш да не се откажувате од тоа што сакате да го постигнете. Со вистинска посвета и многу труд можете да постигнете буквално сè што ќе замислите.
Маркетинг365: Што е поважно за млад дизајнер – дисциплина, храброст или вкус?
Бобан: Сите три, но би ја додал и љубопитноста. Секој креативец мора да биде љубопитен и да се прашува цело време „што ако?“…
Петре: За млад дизајнер дисциплината е основата, но мора да ги поседува и храброста и вкусот… Тие се развиваат со текот на времето, но дисциплината ти дава основа да ги користиш на вистински начин. Познавам многу млади дизајнери кои имаат талент, но не го користат – едноставно не сакаат да се замараат, решенијата сакаат да ги добијат со еден клик… Во реалноста тоа не е рецепт за успех.
Маркетинг365: Како да се најде сопствениот визуелен глас без да се копираат трендови?
Бобан: Со работа, работа, работа… и многу експериментирање. Визуелниот глас/стил сам ќе дојде.
Петре: Почни од себе, а не од трендовите. Сопствениот стил не се бара, туку се гради со тек на време.





















