BalCannes е едно од најважните регионални креативни натпреварувања и платформа на која секоја година се среќаваат агенции и огласувачи од Босна и Херцеговина, Хрватска, Македонија, Словенија и Србија. Натпреварот не ја вреднува само најдобрата кампања, туку и тоа кој успеал да спои идеја, пазарен ефект и креативна изведба во проект кој суштински ја менува сликата на пазарот. Стручните жирија составени од претставници на агенциите, огласувачите и медиумите доделуваат златни, сребрени, бронзен и „гран при“ награди, како и титули за најдобри агенции и огласувачи во регионот, што го прави BalCannes значаен и долгорочен индикатор за креативната состојба на регионалниот маркетинг пејзаж.
НОВА НАТПРЕВАРУВАЧКА ГРУПА: BEST IN CHANNEL
Овогодинешното издание носи важни новини во структурата на категориите, создадени за попрецизно да ги опфатат спецификите на индустриите, каналите и општественото влијание. Најголемата промена е воведувањето на сосема новата натпреварувачка група – „Best in Channel“, каде проектите за првпат се оценуваат според комуникациските канали, односно формати. На овој начин, идеите можат да бидат препознаени токму онаму каде што се реализирани – на ТВ и онлајн видео платформи, во класични и дигитални надворешни формати, аудио и радио, амбалажа, дигитални производи, социјални мрежи и креативна употреба на технологија, како и во печатени медиуми. Фокусот е ставен на оригиналноста и интелигентната адаптација на содржината кон каналот, со цел постигнување максимален ефект.
ПРОШИРУВАЊЕ НА ПАЗАРНИТЕ КАТЕГОРИИ
Промени се воведуваат и во веќе постоечката група „Best on Market“, која е проширена со две нови пазарни категории. Првата, „Technology & Electronics“, отвора простор за аплицирање на проекти поврзани со технолошки и ИТ производи и услуги – од софтвер и хардвер, до ВИ-решенија и напредни иновации. Во категоријата „Energetics & Mobility“, пак, ќе се натпреваруваат проекти од областа на енергетиката, обновливите извори, инфраструктурата, одржливоста и паметната мобилност, вклучувајќи автомобили, електрични возила и јавен транспорт. Со ова проширување, BalCannes одговара на растот и трансформацијата на индустриите кои во последниве години го менуваат секојдневниот живот, но и маркетинг екосистемот.
ПОСИЛЕН ФОКУС НА ПОЗИТИВНИ ПРОМЕНИ
Посебни новини добива и групата „Best of Positive Change“, која ги вреднува проектите насочени кон општествено одговорни теми и цели за одржлив развој. Оваа група сега вклучува пет клучни области: животна средина и одржливост, еднаквост, различност и инклузија, здравје и благосостојба, едукација и зајакнување, како и заедница и култура – со цел препознавање и наградување на различните типови позитивен општествен придонес. Дополнително, се воведува „Impact Prix“ – нова специјална награда за проектот со највисок вкупен број бодови од агенциското и огласувачкото жири во оваа група. Наградата е наменета за проекти кои, покрај силна креативна вредност, имаат и мерливо влијание врз општеството, културата или животната средина.
КОЈ МОЖЕ ДА АПЛИЦИРА И КАКО?
Натпреварот е отворен за проекти реализирани во периодот од 23 јануари 2024 до 23 јануари 2026 година. Може да се пријават целосни кампањи или поединечни елементи – ТВ спотови, печатени огласи, настани, ПР активности, дигитални решенија и содржини за социјалните мрежи – доколку претставуваат реална пазарна активност. Пријавувањето се врши онлајн, со основни информации за проектот, креативни материјали (видео или PDF), главен визуелен елемент и кратко резиме од најмногу 150 зборови.
РОКОВИ И ПОВОЛНОСТИ
Крајниот рок за пријавување е 23 јануари 2026 година, со ран рок до 18 декември 2025, по што се применуваат доцни котизации. Агенциите кои не учествувале во натпреварот во последните три години може да ја искористат првата бесплатна пријава, додека за оние кои учествувале во последните две години важи моделот 3+1 (и пропорционално 6+2, 9+3…), при што секоја четврта пријава е бесплатна.
Најдобрите проекти ќе бидат прогласени на 7 мај 2026 година, на главната сцена на фестивалот Денови на комуникациите 2026 во Ровињ, Хрватска. Повеќе информации се достапни на официјалната веб-страница на фестивалот.


















