Луксузниот моден бренд Balenciaga ја лансираше претходно најавената видео-игра Afterworld: The Age of Tomorrow, заедно со новата модна колекција за сезоната есен/зима 2021.
Се работи за целосно функционална авантуристичка видео-игра, чие дејство се случува во 2031 година. Футуристичкиот свет е осмиселен од страна на грузискиот моден дизајнер и актуелен креативен директор на Balenciaga, Демна Гвасалија.
Видео-играта започнува со аватар кој излегува од виртуелна продавница на градските улици, по што играчот може да ги испробува новите модни парчиња на брендот, да се впушти во авантура низ планините и шумите, како и да комплетира предизвици со цел да добие награди.
Како што беше претходно објаснето, играта е алегориска авантура која го истражува митолошкото минато и проектираната иднина за која е наменета новата модна колекција.
До видео-играта може да се пристапи преку самиот веб-сајт на Balenciaga. За оние кои сакаат само да ја разгледаат новата модна колекција, без да ја играат играта, тоа можат да го сторат на истиот линк, при што може да ги изненади фактот што сите парчиња се претставени преку анимирани карактери во драматични пози, својствено за самата видео-игра.