Железнички коридори, високонапонски линии, зелени стандарди и локални синџири на снабдување – токму таму се прекршува иднината на Балканот. Немања Мариновиќ, Business Development Executive во ArcelorMittal Projects и говорник на годинашниот The Economist Meet Up: The World Ahead 2026, ни ги отвора вратите кон светот во кој железничките коридори се поврзуваат со енергетски транзит, високонапонските столбови стануваат дел од новата зелена економија, а секој метар челик носи стратегија, пазарна логика и геополитика.
- Каква е вашата реална проценка за капацитетот на Балканот да апсорбира големи инфраструктурни инвестиции во следните пет години? Каде е најголемата кочница за развојот?
Во последниве години, а така ќе биде и во наредниот период, Балканот е во активен инвестициски циклус во транспортната и енергетската инфраструктура, со цел модернизација и усогласување со европските стандарди за ефикасност, одржливост и поврзаност – сè во согласност со барањата на пазарот на ЕУ. Инфраструктурните инвестиции во регионот се движат од 3 до 6% од БДП, за разлика од Европската Унија каде што се под 2% од БДП.
Како што проектите за патна инфраструктура постепено се приближуваат до завршна фаза, фокусот на новите инвестиции се пренасочува кон железничката и енергетската инфраструктура. Со тоа, регионот се приближува до стандардите за одржлив транспорт и енергетска ефикасност.
Балканот има реална потреба и капацитет за нови инфраструктурни проекти, но состојбата на терен не е идеална. Додека просечното доцнење на проектите во ЕУ е околу девет месеци, на Балканот тоа често достигнува и до две години. Главните пречки се: недостиг на искусна стручна работна сила, слаба примена на законската рамка, забрзани и недоволно подготвени тендери, слабо управување со договорите и отсуство на долгорочна и доследна стратегија за развој на инфраструктурата.
Напредок е возможен само преку темелна подготовка на сите компоненти на проектите пред нивната реализација, соработка исклучиво со стручни и доверливи партнери, строго спроведување на договорите без отстапки, а најважно од сè – професионализација и континуирана обука на домашниот стручен кадар.
- Зелениот челик и јавните набавки – како го гледате усогласувањето на критериумите за нискојаглеродни материјали со тендерите на министерствата и јавните претпријатија во регионот? Дали пречка е високата цена или постојат и други бариери – и во јавниот и во приватниот сектор?
Кога зборуваме за декарбонизација на челичната индустрија, мора да бидеме реални – тоа сè уште претставува исклучок во енергетската транзиција. Оперативните и инвестициските трошоци за таа транзиција остануваат високи, а економските и политичките механизми кои би ја направиле одржлива – сè уште не се целосно имплементирани. ArcelorMittal тоа го потенцираше повеќепати – и покрај годините на залагање за јасни трговски и CBAM механизми што би ја поддржале транзицијата, особено во ЕУ, досега е постигнат само ограничен напредок, а од националните и европските политики сè уште се очекува поконкретна поддршка и предвидливост.
Декарбонизацијата во челичната индустрија се спроведува преку користење обновлива енергија, премин кон процеси базирани на рециклирање старо железо, примена на DRI-технологии и слично. Технологијата постои, а ArcelorMittal, како најголем производител на челик во Европа и втор најголем во светот, има знаење, искуство и капацитет да ја спроведе. Но, без силни економски и политички инструменти, овој процес останува технички возможен, но финансиски и пазарно тешко одржлив.
Во споредба со пред две до пет години, акцентот на декарбонизацијата е ослабен. Таа сè уште е важна, но веќе не се гледа идеолошки – туку низ призма на економска реалност, конкурентност и достапност на енергија. Целта останува иста, но темпото на транзицијата сега го диктираат реалните пазарни и индустриски капацитети, а не само политичкиот оптимизам.
- Локални синџири на снабдување – дали ArcelorMittal Projects гледа потенцијал за поголема локализација во Србија, Северна Македонија и Босна и Херцеговина?
На ниво на ArcelorMittal Projects, постои јасна определба за што поголема локализација на синџирите на снабдување на Балканот. Во моментов работиме на тоа преку трансфер на техничко знаење за примена на производите, едукација и воведување на висококвалитетни производи и стандарди, по примерот на развиените пазари во ЕУ, со цел локалните партнери да се вклучат во проекти на исто ниво на квалитет и техничка сигурност – што, пак, го зголемува и пазарниот потенцијал на тие производи.
Во доменот на топлата челична продукција, ArcelorMittal и ArcelorMittal Projects стратешки се ориентираат кон производство на специјализирани производи со висока додадена вредност, со постепено повлекување од сегментите на берзански суровини. Таа стратегија подразбира високи капитални трошоци, трговска заштита, напредна технологија и стабилна побарувачка – услови кои засега регионот не може целосно да ги исполни.
Во последниве години се работи на дивестирање (продажба) на производни погони за берзански производи со ниска маржа во Северна Македонија, БиХ и Романија, додека фокусот се пренасочува кон производи со пониски емисии и повисока вредност – но за нив е потребно пазарно окружување што може да апсорбира таков тип инвестиции.
Дополнителен предизвик претставува силната конкуренција од производители надвор од ЕУ, кои работат со пониски трошоци и без регулаторни ограничувања кои важат за европската индустрија – што го отежнува создавањето одржлива база за локализирани синџири на снабдување во овој дел на Европа.
- Како го гледате Балканот во 2026 година, од аспект на инфраструктурен развој и поврзаност со економските текови во Европа?
Инфраструктурните проекти се планираат и реализираат на долг рок, така што до 2026 не се очекуваат драстични промени во темпото на развој. Проектите што се веќе започнати ќе продолжат со слична динамика, додека новите, поттикнати од стратешки и национални приоритети, постепено ќе преминуваат во фаза на реализација.
Патната инфраструктура е веќе во завршна фаза, а тежиштето сè повеќе се пренесува кон железничката инфраструктура и енергетиката – особено кон високонапонските преносни системи и меѓудржавни интерконекции, кои ќе имаат сè поголемо стратешко значење за регионот.
Балканот останува цврсто поврзан со економските, политичките и финансиските текови на Европската унија, што значи дека ќе продолжи да го усогласува својот развоен ритам со европските трендови – иако со одредено задоцнување, поради институционалните капацитети и финансиската сила на пазарите.
Во суштина, не се очекуваат драстични или капитални промени во пристапот – регионот ќе продолжи во истата насока, но со различна брзина на реализација, зависно од достапноста на финансии, подготвеноста на документацијата и административната ефикасност.
- Како го гледате светот во 2026 година, во контекст на геополитиката и турбуленциите на глобалниот пазар?
Денешните глобални трендови не се вклопуваат лесно во едноставни шаблони – светот влегува во фаза на кристализација на процесите кои веќе се во тек: подигање на царински и протекционистички ѕидови, засилена локализација и сè поизразена регионализација на пазарите и индустриските политики. Светот останува поделен на неколку економски блока, со ограничена универзалност на правилата и растечка улога на државата во економијата.
Во тој контекст, најважно за Балканот е што подобро да ги апсорбира глобалните турбуленции и да задржи континуитет. Како што вели една кинеска поговорка: „Кога дува силен ветер на промени, некои градат ѕидови, а други – ветерници.“
Веројатно е дека каматните стапки на капиталниот пазар ќе останат високи, со благ пад во однос на 2025 година. Сепак, инфраструктурните проекти со јасен поврат ќе имаат пристап до финансирање. Волјата за реализација на вакви проекти на Балканот нема да стивне, бидејќи не сите региони се во ист инвестиционен циклус. Цените на материјалите глобално ќе останат приближно на нивото од 2025 година, со делумен пораст поради влијанието на царини и протекционистички мерки, но и поради општиот недостаток на побарувачка кој го ограничува растот на цените и активноста во индустријата.
Безбедноста, развојот на безбедносни компании, како и инвестициите во дигитална и дата-инфраструктура ќе останат доминантни – со надеж дека нивната улога ќе биде повеќе превентивна отколку реактивна.
Во основа, се надеваме дека 2026 ќе биде година на кристализација и појаснување на геополитичкиот контекст, на приспособување и прагматични одлуки – каде што предност ќе имаат оние кои ќе успеат да ги комбинираат локалното присуство, европските стандарди и способноста за брза и сигурна реализација во комплексни пазарни услови.
ArcelorMittal SA – Клучни индикатори за 2024 година
Приходи: 62,4 милијарди USD
EBITDA: 7,05 милијарди USD
Прилагодена нето добивка: 2,3 милијарди USD
Нето долг: 5,1 милијарди USD
Производство на челик: 57,9 милиони тони
Номинален капацитет: прибл. 120 милиони тони
Број на вработени: 125.000
Stock ticker: MT на берзите NYSE, AMS, PAR, LUX, MAD, BIL, VAL
🌐 www.arcelormittal.com

















