Како продолжение на својата глобална платформа “Stay True” („Останете Вистински“), брендот на виски Ballantine’s ја лансираше својата нова кампања “Me and My Other Me” („Јас и моето друго Јас“) наменета за шпанскиот пазар, во која како социјален експеримент соочува четири индивидуи со нивните дигитални персони.
Имено, со помош на креативниот бизнис акцелератор Slap Global и неколку професори по психологија и компјутерски податоци, Ballantine’s спровеле истражување врз 50 луѓе и нивното однесување на дигиталните платформи. После неколку етапи на селекција, биле определени четири личности кои биле најмногу склони да одговараат на прашања или делуваат на начин за кој мислат дека е социјално прифатлив, а всушност не соодветствува со нивните вистински чувства или мисли.
Потоа, врз основа на податоците собрани од дигиталните профили на овие четири личности, вклучувајќи ги нивните профили на WhatsApp, Google, YouTube, Instagram и Facebook, биле создадени холограми кои личат на нив, но размислуваат според нивното однесување на дигиталните платформи.
Четирите индивидуи потоа се соочуваат со нивните дигитални двојници, при што напоредно одговараат на исто прашање. Дадените одговори се толку различни, што тие остануваат фрапирани од своето дигитално „Јас“.