Уште во месец јули, британскиот национален телевизиски сервис BBC го најави своето ново лого, кое практично изледаше исто како претходното, но со суптилно поразличен фонт и пораздалечени букви.
Сега, неколку месеци подоцна, како што беше и најавено, телевизискиот сервис го имплементираше новото лого во својата програма. Паралелно, BBC претстави и нови логоа за „модернизацијаа“ на своите дигитални сервиси како News, Weather, Sounds, Bitesize и iPlayer.
Секое од логоата е составено од три правоаголници, распоредени различно. Секој сервис има различна основна боја, а неговото име е биде испишано под иконата формирана од правоаголници.
Според BBC, новите логоа ќе го олеснат навигирањето на корисниците, а ќе обезбедат и визуелна кохерентност помеѓу различните сервиси.
Идејата позади логоата е релативно јасна – сончеви зраци за “Weather”, копче „плеј“ за “iPlayer”, звучни бранови за “Sounds”, книги за “Bitesize” итн.
Меѓутоа, дел од јавноста и не е баш задоволна од новите логоа, изразувајќи го своето незадоволство на социјалните мрежи. Според некои, BBC наводно ја направиле истата грешка како и Google при редизајнирањето на логоата на услугите кои се дел од Google Workspace.
Сепак, останува времето да покаже дали откако луѓето ќе се навикнат на новите логоа на BBC, тие ќе почнат и да им се допаѓаат.