Овој викенд завршува документарниот серијал „Совршена планета“ (“A Perfect Planet”) на британскиот национален сервис BBC. Водител на серијалот е познатиот Сер Дејвид Атенборо, кој предупредува дека нашата Земја е сепак далеку од совршена планета, а луѓето се нејзините најголеми предизвикувачи на штета.
Серијалот можеби привршува, но тоа не значи дека борбата за спас на планетата завршува тука. Со цел да се акцентира пораката на Атенборо, креативниот тим на BBC си ги уништи сопствените билборди со цел да го илустрира негативното влијание на човечкиот фактор врз земјиниот екосистем.
Кампањата за промоција на серијалот започна уште во ноември, но тогаш се чинеше дека се работи за една вообичаена кампања на билборди и постери кои промовираат уште една вообичаена емисија за природата.
Меѓутоа, тие билборди сега почнуваат да се кинат, откривајќи ја својата скриена, мрачна страна – рибите се претвораат во пластични шишиња, џунглата се претвора во пламен. За вториот пример, BBC дури и навистина си запалиле еден свој билборд.
„Кампањата треба да го нагласи вактот дека документарните серијали за природа на BBC не се однесуваат само на добрите работи, воодушевувањето и вчудоневиденоста. Всушност постои сериозна порака кон која нашата корпорација е наклонета во последно време,“ посочува Џејмс Крос, креативен директор на BBC Creative, по повод комплетирањето на серијалот и кампањата.