Американскиот бренд на сладолед Ben & Jerry’s поднесе тужба во федерален американски суд против својата матична компанија Unilever, како кулминација на несогласувањето помеѓу двете страни за продажба на следолед во Израел.
Имено, минатата година, брендот на сладолед кој себе си се нарекува „аспиративна компанија за социјална правда“ најави дека ќе ја прекине продажбата на своите производи во Западниот Брег поради загриженост за почитувањето на човековите права од страна на Израел. „Не е во согласност со нашите вредности сладоледот на Ben & Jerry’s да се продава на окупираната палестинска територија…“ – изјавија тогаш од компанијата.
Со сето тоа не се согласи матичната компанија Unilever, која одлучи да го продаде својот израелски бизнис на локален носител на лиценца, кој пак ќе ги задржи производите на Ben & Jerry’s комерцијално достапни насекаде во Израел, вклучувајќи го и Западниот Брег.
Од Ben & Jerry’s тврдат дека Unilever ја донеле одлуката еднострано, без одобрување на независниот борд на директори на Ben & Jerry’s. Но, Unilever уште еднаш испратиле порака дека „работата е веќе завршена“.
„Има многу работи за Ben & Jerry’s да се вклучат во нивната мисија за социјална правда без да залутаат во геополитика, и сигурен сум дека брендот ќе продолжи да ужива во многу светла иднина правејќи го токму тоа“ – посочил главниот извршен директор на Unilever, Алан Џоуп, во изјава за новинарите.
Ben & Jerry’s сепак не се откажуваат од својата автономија во носењето на одлуки и сега ќе бараат правна разрешница на целиот случај. Останува да видиме до каде ќе оди сето ова и дали евентуално двете компании и целосно ќе се разединат и ќе продолжат по различни патеки?