Брендот на сладолед Ben & Jerry’s, кој е дел од корпоративната мрежа на Unilever, во понеделникот соопшти дека продажбата на нивни производи во Источен Ерусалим и Западниот Брег (територии под израелска контрола со мнозинско палестинско население) е неконзистентна со нивните вредности.
Поради тоа, брендот одлучи да се повлече целосно од Израел, штом им заврши договорот со нивниот израелски дистрибутер следната година.
На ваквата одлука остро реагираше новиот израелски премиер Нафтали Бенет, кој посочи дека ќе има „тешки последици“ за Ben & Jerry’s и матичната компанија Unilever.
Потоа се огласи и генералниот извршен директор на Unilever, Алан Џоуп, кој категорично изјави дека компанијата „останува целосно посветена на бизнисот во Израел“.
Во однос на одлуката на Ben & Jerry’s, тој посочи дека се работи за целосно автономна одлука на независниот борд на директори на тој бренд, за што имале право во согласност со договорот за аквизиција на компанијата потпишан пред 20 години, кој предвидува операционална автономија за Ben & Jerry’s во склоп на Unilever.
Џоуп не испушти да ги спомене неколкуте фабрики на Unilever во Израел кои ќе продолжат да функционираат со полн капацитет, како и милионските суми на инвестиции кои ги вложува во тие фабрики, обезбедувајќи им работно место на преку 2,000 луѓе. Тој исто така додаде дека компанијата е доста активна во старт-ап заедницата и социјалните програми во Израел.