Во време кога печатените медиуми во Македонија се, така речи, во слободен пад, успеа промовирањето на еден нов концепт во македонското новинарство – неделник кој целосно ќе му биде посветен само на проблемите и радостите на главниот град и кој ќе им биде бесплатно доставуван на скопјани буквално во поштенските сандачиња, што се случува за прв пат на овие простори..
Во животот на секој весник, а на неделниците посебно, излегувањето на 50-тиот број е значајна работа. Тоа е една година од постоењето – првата, најтешката – кога или весникот проодува или застанува во место.
Според досега постигнатото, без страв дека може да бидеме сфатени за нескромни, нагласуваме – „Скопско Ехо“ успеа дури и да трча.
Скопјани го прифатија неделникот, го читаат, го бараат, но и учествуваат во неговите содржини се поактивно. Воедно и тиражот расте несопирливо. Од почетните 12,000 примероци, па долго време беа 25,000, па 35,000, до високите 45,000 за време на локалните избори и сега, еве, утрешниот број на весникот ќе се печати во тираж од 50,000 примероци.
Ако земеме еве дека просечно весникот се печател во 25,000 тираж, пресметката е јасна – на скопјани им биле поделени повеќе од 1 250 000 бесплатни примероци на Скопско Ехо. А колку информации и теми имало внатре, тоа не можеме ниту да го пресметаме.
Јубилеите, макар и првични каков што е овој, се прилика да се рецензира еден ваков медиумски проект, за кој веруваме дека успешната приказна ќе продолжи постојано да се дораскажува.
Темите кои весникот ги отвораше, за кои поттикнуваше на размислување, ја заслужуваа довербата. Сеедно дали стануваше збор околу тоа дали на градот му треба нов концепт на развој, дали градот е пренаселен, сообраќајно задушен потребна ли е деметрополизација преку развојот на соседните градови и комуникациските врски со нив, како да се бориме против загадувањето на воздухот, па се до промашени проекти какви што беше садењето на палми во градот, или панорамското тркало, до тоа како се трошат граѓанските пари по општините и градот, како ни работат инспекциите, што вистински работи армијата од 15.000 вработени во градските и општинските служби, како ни се хранат децата во градинките, какви градоначалници ни се потребни…
Тоа се дел од темите кои секој четврток ги отвораше „Скопско ехо“ станувајќи медиум кој му беше потребен на главниот град, за да можат да се причитаат оригинални скопски теми преку интервјуа, преку стории за млади таленти, совети за домаќинствата, за здравјето…
Драги пријатели од Скопско Ехо, Маркетинг365 Ви го честита јубилејот и Ви посакуваме уште многу квалитетни стории, поголеми тиражи и се разбира многу реклами во боја :)