Откако претходната „провокативна“ кампања на брендот на луксузен накит Tiffany & Co не доживеа баш и некој преголем успех (благо речено), компанијата сега се насочи кон една проверена тактика – традиција, луксуз и познати личности.
Во новата кампања на Tiffany’s, именувана “About Love” („За љубовта“), се појавува познатиот музички пар Бијонсе и Џеј Зи.
Бијонсе е облечена во црн фустан на луксузниот бренд Balmain, кој потсетува на фустанот кој британската актерка Одри Хепберн го носеше во филмот “Breakfast at Tiffany’s” од 1961 година. За врската да е уште поизразена, Бијонсе околу врат го носи и истиот жолт дијамант од 128 карати кој Хепберн го носеше при промоцијата на именуваниот филм.
Се работи за скапоцен камен откриен во Јужна Африка во 1878 година, а покрај Хепберн, во поскоро време го има носено и Лејди Гага на Оскарите во 2019 година. Меѓутоа, Бијонсе е првата жена со темна боја на кожата која го носи овој жолт дијамант.
Значаен детал од кампањата е и сликата “Еднакво на Пи” од американскиот уметник Жан-Мишел Баскијат, насликана во 1982 година.
Позадината на сликата е изведена во слична сина боја како онаа која е препознатлива за брендот Tiffany & Co, па од компанијата веруваат дека уметникот се инспирирал токму од нив, бидејќи тој „го сакал Њујорк, сакал луксуз и сакал накит“ (според зборовите на Александре Арно, потпретседател на Tiffany & Co).
Како дел од кампањата била сниман и спот во кој Бијонсе ја изведува песната “Moon River”, која исто така ја изведуваше Одри Хепберн во филмот “Breakfast at Tiffany’s”. Спотот ќе биде објавен на 15 септември.