Уницеф во соработка со агенцијата Идеа Плус од Скопје започна кампања за спречување на дискриминацијата на лицата со посебни потреби. Со кампањата „Биди фер – за детство без пречки“, треба да се влијае кон подигање на јавната свест и обезбедување поддршка за правата и учество на децата со попреченост во општеството на рамноправна основа со другите деца. Кампањата сака и да ја поттикне јавноста да се идентификува со бариерите на кои секојдневно наидуваат децата со попреченост.
Кампањата започна со насловна страна на весник, која беше испечатена само со брајово писмо и најава на вести само со знаковен јазик, без тон. “Сакавме барем овој еден ден, општата јавност да осети како се чувствуваат луѓето со попреченост секој ден од својот живот“, велат од агенцијата Идеја Плус.
“Приказната со проектот за УНИЦЕФ почна пред скоро година дена, кога учествуваме на тендер и некој месец подоцна бевме избрани како агенција која понудила најдобри креативни решенија. На продукција на сите материјали се работеше цели 9 месеци, поради обемноста на проектот. Главната поента во брифот кој го добивме од УНИЦЕФ беше да се зголеми свеста кај општата јавност дека вистинските пречки кои им оневозможуваат на децата со попречености да функционираат подеднакво како сите други треба да ги бараме во околината, однесувањето на луѓето и социјалните околности. Со други зборови, не е проблем ако детето е во количка, туку ако училиштето не обезбеди пристапни рампи, проблемот не е слепилото, туку немањето на соодветни тастатури за брајово писмо, проблемот не е Дауновиот синдром, туку однесувањето на околината…Тоа што сакавме да го постигнеме со кампањата беше луѓето на сопствена кожа да почувствуваат како изгледа кога си исклучен, поради немање соодветни услови“, изјави Илинка Црвенковска, креативен директор од агенцијата Идеа Плус.
Во склоп на кампањата постојат повеќе видеа. Двете видеа со Нина привлекоа големо внимание, а од вчера почна серијалот на видеа со Марко, во кој ќе видиме како тој ќе се снаоѓа низ Скопје. Во наредниве денови ќе може да се видат и останатите продолженија.
Како дел од кампањата и проектните активности исто така е и мобилната апликацијата “Без пречки“, преку која сите граѓани можат да се вклучат во надминувањето на пречките, со тоа што ќе пријават конкретна пречка на конкретна локација. Исто така, промовирни се и гифовите со некои основни елементи од знаковниот јазик, како азбуката и едноставни реченици…