Жарко Вељковиќ, креативен директор и претседател на жирито за доделување на националните награди на Србија, KAKTUS 2017, зборува колку пазарот на маркетинг комуникации во Србија е навистина интегриран, кои трендови ќе ја одбележат 2017 година, но и во која мера нашите агенции и клиенти се навистина спремни за храбри и иновативни кампањи.
Како би го оцениле пазарот на маркетинг комуникациите во Србија и колку е тој навистина интегриран?
Општ тренд во светот е дека се` помалку пари ќе се вложуваат во маркетинг. Уште кога Марк Причард изјави дека P&G ќе вложи две милјарди долари помалку за маркетинг и медиуми, големите маркетинг агенции се обидуваат да најдат решение. Се воочува тренд на уште поголема интеграција на големите групации, се` повеќе се губи идентитетот на легендарните агенции и сето тоа за да се излезе во пресрет на барањата на големите клиенти. Постои онаа изрека дека кога Америка се закашла, цел свет добива воспаление на белите дробови. Можеме само да замислиме што ќе се случи на Балканот. И конечно, да одговорам на прашањето, во Србија пазарот на маркетинг комуникации е во големи финансиски проблеми. Се бара повеќе, побрзо, подобро, а поефтино. Вистинско е чудо што и понатаму се појавуваат кампањи кои имаат било каква креативна идеја.
Кои трендови во областа на интегрираните комуникации се најдоминантни на нашиот пазар и кој тренд според Ваше мислење ќе ја обележи 2017 година?
Мислам дека трендот на се` поголемото вложување во дигитал од минатата година, продолжува. На социјалните мрежи поединечни брендови почнуваат сериозно да вложуваат во оригинална содржина. За жал, и понатаму повеќето ги користат социјалните мрежи за најбанална комуникација по принципот – една слика со соодветна реченица дневно. Не гледам дека оваа година нешто позначајно ќе се промени. Ние во принцип ги следиме светските трендови и се трудиме тука да ги имплементираме со илјада пати помали буџети (буквално илјада пати помали).
Во која мера нашите агенции од една страна и клиентите од друга страна се навистина подготвени за храбри и иновативни кампањи? Дали и што се плашиме?
Има навистина многу причини зошто е тешко да се изведе навистина квалитетна идеја. Мислам дека најчеста причина е дека кога се успешни можат да направат прилично голем „бран“, а мислам дека компаниите и повеќето агенции не сакаат да брануваат. Полесно е да се прават обични работи, нема многу нервози.
Која, според Вашето мислење, е „тајната состојка“ за идеја која опстанува, односно за квалитетна кампања која ќе остави белег?
Уште кога првиот пештерски човек почна да се прави важен со својот посед/ствари/изглед/однесување за да го придобие вниманието на пештерската жена (и обратно), постои „тајна состојка“ во комуникацијата – биди оригинален, подобар од другите и дај се` од себе. Мислам дека тоа правило и денес е најважно, а ќе биде и во иднина, додека нас не не` замени AI технологијата.
Зошто е важно еден пазар да има национален креативен фестивал и зошто струката би требало да стои позади него?
На нашиот пазар фестивалите не се интересни за клиентите, бидејќи за разлика од големите светски компании, тоа не влијае на цената на акциите или на угледот на компанијата. Затоа на крајот единствената сатисфакција остана на агенциите да си ги одмерат силите. Секоја земја која држи до себе мора да има барем еден вистински адвертајзинг фестивал. Се надевам дека фестивалот Kaktus ќе успее да опстане и остане, ако не единствен, тогаш барем најзначаен.
Наградите ќе бидат свечено доделени на третиот национален Фестивал на интегрирани комуникации во Србија – KAKTUS 2017, кој ќе се одржи на 1 и 2 ноември во хотелот Crowne Plaza во Белград.
Условите за конкурсот, пропозициите и категориите, како и пријавниот формулар и Правилникот за работа на жирито, можете да го погледнете на сајтот www.kaktus.rs.